ВИДЕО – За да не се наруши традицијата 2 членки од „Преродба“ и овој Велики Четврток ги вапсаа јајцата, но без големо собирање поради корона вирусот

Жените од здружението „Преродба“ од Прилеп традиционално како и секоја година на Велики Четврток ги вапсаа јајцата за големиот христијански празник Велигден. Но годинава се e поразлично наместо гужвите и веселата атмосфера од изминатитете 14 години колку што постои здружението, сега во просториите каде се собираат поради корона вирусот и почитувањето на пропишаните мерки дојдоа само 2 жени кои ги вапсаа јајцата колку да не се прекине традицијата.

 

 

Според обичајот домаќинките прво вапсуваат три јајца, уште пред изгрејсонце. Првото вапсано јајце го викале Божјарче или Господово јајце, бидејќи било за Господ, заедно со другите 2 јајца се ставале на прозор на црвена подлога да ги огрее првиот сончев зрак. Другите 2 јајца биле посветени за бериќетот на нивите, а третото за имотот. Прилеп има навистина посебни обичаи кога доаѓаат овие предвелигденски денови. Луѓето нив ги одбележуваат на доста уникатен начин.

 

„На Велики Четврток утрото рано пред изгрејсонце се вапсуваат 3 јајца. Кој сака 3, но можи и едно. Едно мора да има вапсано и тоа се вика Гсподово јајце. Откако ќе ги вапса домаќинката јајцата ги изнесува на пенџере, да се гледа и да стои на црвена крпа, додека изгрева сонцето. Кога ќе станат домашните и децата се поминуваат на лицето и се вика црвено, бело, дебело. Тоа јајце се чува до иконата во домот. Може да стои со години. Нема да се расипи. И се смета за Божјо јајце. Имаме некаде и слушнато дека се чува како за лек. Црвената боја е симбол за Велигденското јајце. Додека бев помлада вапсував во бои како и секој што сака да експериментира, но последните години вапсувам само црвени јајца“, вели Лиле Ацеска, член на здружението „Преродба“.

 

Инаку во Прилеп за Велигден има уште еден уникатен адет, целиот ден откако ќе се вратат прилепчани од црква шетаат со своите деца од куќа на куќа и го честитаат празникот. Но за жал и оваа година тоа ќе биде изоставено поради корона вирусот.

.

„Како здружение нема да се собериме заеднички да вапсаме јајца како и секоја година што сме правеле. После Велигден сме се собирале на третиот ден на Велигденска трпеза, но оваа година Велигден ќе си го прославиме во своите домови. Ситуацијата е таква да ние сите мораме да се пазиме. Сето ова побрзо да помини традицијата ќе ја продолжиме со сите празници кои потоа следуваат. Ќе правиме според условите кои ги имаме во моментот, но традицијата не смееме да ја заборавиме“, истакна Лилјана Ѓорѓиоска, претседател на здружение на жени „Преродба“.

 

Инаку според православната црква на Велики Четврток, за време на Тајната вечера Христос ја воспоставува Светата евхаристија, односно причествувањето, исто така на Велики Четврток тој е предаден од страна на Јуда. Утре е пак е Велики Петок кога верниците ги посетуваат црквите за да се поклонат на Плаштеницата на која е насликано положеното тело на Христос.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи