На стотината вработени во прилепскиот најголем производител на леб „Жито Прилеп“ од вчера попладнето им е забранет влез во фирмата иако вработените, покрај проблемите за неисплатени плати за февруари и март протестираа, но решија да им излезат во пресрет на граѓаните за да го произведат основниот прехранбен продукт.
Тие се револтирани зашто раководството на фирмата воопшто не им се обратило досега, ниту знаат што понатаму. Според Блаже Димитриоски, вработен во Жито Прилеп, никој не им се обраќа да им појасни, нема резултати од трудовата инспекција каде пријавиле и не знаат што понатаму.
„Вчера ние бевме дојдени овде во 4 сатот, заради празникот што го имаме Велигден. Бевме дојдени да произведуваме леб, без разлика дали имаме земено плата или немаме земено плата, за да го решаваме овој проблем после празникот.
Од страна на обезбедувањето ни беше кажано дека не смееме да влегуваме внатре во фирмата. Обезбедувањето ни достави документ, полициски заверен, дека ние сме биле овде на работа, но не бевме внатре во кругот, туку бевме овде надвор. Тој документ го имаме ние и чекаме да дојди директорката, Елизабета Мојсоска, да кажи дали ќе се работи или нема да се работи.
Ние бевме заради градов и заради празников Велигден дојдени да произведуваме леб, да го снабдиме градот со леб, а после празникот што ќе правиме, како ќе правиме, тоа е отом потом.
Вчера се обративме до трудова инспекција во Скопје, тие рекоа дека на терен ќе пуштеле инспектори да се види што е како е ситуацијата. Вчера чекавме да дојдат, не дојдоа. Дали имаат направено записник, дали немаат направено записник, дали по телевизиите имаат видено што е како, или немаат видено, тоа не знаеме како е, ќе видиме од понеделнички. Но целта ни беше нас вчера да дојдеме на работа, да извадиме леб за деновиве за Велигден, колку ќе извадиме толку. Можеби немаше да биде некоја бројка, но за Велгиден рачунавме околу 35.000 парчиња леб да се приизведат. Сето тоа го изгубивме и ден денес чекаме некој да ни кажи дали оваа фирма ќе продолжи да работи, нема да работи, дали ќе ни се дадат платите или не и не знаеме што ќе биде.
Сега сето е заклучено и имаме документ дека не смееме да влегуваме внатре, заверен во полиција и тој документ го имаме ние, дека не смееме да влегуваме внатре во фабриката“, истана Димитриоски.
Елизабета Мојсоска, неизвршен члeн на Одборот на директори, пред 2 дена ни истакна дека таа нема никаква дозвола да дава изјава за медимумите. Тоа досега го правел само генералниот извршен директор Николас Атанасоски, син на Џорџ Атанасоски, кој веќе подог период е во САД. Доколку сопствениците излезат со свој став околу оваа ситуација и обвинувањата на вработените, бевме известени дека медиумите ќе биделе информирани.