Во Прилеп, Куманово и Тетово од денеска е задолжително носење опрема за лична заштита како маска, марама, шал или што било за да се покријат устата и носот надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или друго.
Целта за тоа, според донесената владина мерка, е да се создадат услови за повеќе движење, а притоа да се гарантира заштитата.
„Од 22 април (среда), се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.) надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или сл“, соопштија од Владата.
Владата препорачува граѓаните да го редуцираат излегувањето од своите домови, и тоа само од најнеопходни причини, заради одење на работа, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките.
„Се зајакнуваат меките за да не мора да се заоструваат рестриктивните. Во тек се подготовки за олабавување на рестрикциите. Тоа нема да се случи преку ноќ. За да може да се обезбеди олабавување, мораме претходно сите заедно да си ја обезбедиме заштитата – маска/марама, два метра дистанца, негрупирање“, велат од Влада.
Најпрво ќе се даваат само опомени, дури потоа казни. Ако дојде до изрекување казна, полицијата ќе има обврска да има фотографија со која ќе ја оправда мандатната казна.
Министерството за правда треба законски да ги уреди казните за граѓаните кои нема да ги почитуваат мерките. Со уредбата со законска сила правно се нормира начинот, изрекувањето и висината на мандатните казни кон сите физички и правни лица кои нема да ги почитуваат одлуките, што се однесуваат на групирање на јавни места и површини на повеќе од две лица, за непочитување на минимум потребното растојание од два метра и неносење заштитна опрема.