Од Центарот за јавно здравје – Прилеп информираат дека денеска во општина Прилеп има 4 нови случаи на коронавирус, а на Инфективното одделение во болницата „Борка Талески“, почина 82 годишен маж.
Бројот на активни случаи изнесува 36, од кои 29 се наоаѓаат на домашно, а 7 на болничко лекување.
На Инфективното одделение во прилепската Општа болница „Борка Талески“, хоспитализирани се 7 лица позитивни на коронавирус.
Од Центарот за јавно здравје – Прилеп информираат дека во текот на денешниот ден, испратен е извештај од направениот епидемиолошки увид во Гинеколошко-акушерското одделение при Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп, после добивање на позитивни резултати на КОВИД-19 кај седум вработени во одделението.
За време на увидот направен е разговор со останатите вработени, со цел да се утврди кој од вработените имал контакт со позитивните случаи. После извршената анализа и проценка на ризикот на изложеност, вработените кои имале контакт од среден и висок ризик со потврдените случаи, ставени се во самоизолација во рок од 14 дена. На сите вработени им е укажано за правилна и постојана употреба на лична заштитна опрема, согласно упатствата од Министерството за здравство и интерните протоколи на болницата.
Направено е тестирање на останатите вработени во одделението и сите се негативни. Лицата што се во самоизолација остануваат дома до истекување на изречената мерка.
Во текот на денешниот ден екипа на Центарот за јавно здравје-Прилеп, ќе изврши дезинфекција на сите простории во Гинеколошко-акушерското одделение.