Новите сателитски снимки и мерења до кои дојдоа научниците даваат податоци и резултати од проучувањето на тектонскиот расед на едно од најнеобичните геолошки места на планетата.
Местото за кое се верува дека е едно од најжешките места на Земјата и кое се наоѓа на сушното подрачје Афар, во Источна Африка, многу е веројатно да се наоѓа точно над местото, каде длабоко под земјата, континентот се раздвојува на два дела, сметаат научниците.
Тоа целосно пусто пространство се наоѓа над спојот на три огромни тектонски плочи, кои многу бавно се гребат и лупат една со друга. Тоа е сложен геолошки процес, за кој научниците велат дека низ неколку милиони години, сосема ќе ја подели Африка и ќе се создаде нов океански базен.
Засега најочигледниот доказ е новата пукнатина, долга 56 километри, која се продира низ пустината во Етиопија. Тектонската судбина на африканскиот континент, научниците ја проучуваат веќе неколку децении, а новите сателитски мерења им помогнаа подобро да ги разберат промените.
„Ова е единственото место на Земјата каде може да се проучи како континенталниот расед станува океански“, изјавил Кристофер Мур, од Универзитетот во Лидс во Велика Британија.
Се смета дека продолжението на новиот океан во Африка, ќе трае најмалку пет до 10 милиони години. За научниците тоа е посебно интересно, затоа што се случува во Африка, на границата на нубијската, сомалиската и арапската плоча, затоа што на тој простор има единствени геолошки обележја и карактеристики.
Земјената кора е создадена од десетина големи тектонски, камени плочи, кои непрекинато се удираат, се искачуваат една на друга, се повлекуваат или се оддалечеуваат.
Последните 30 милиони години, Арабиската плоча се оддалечувала од Африка, со што настанале Црвеното море и Аденскиот залив.
Сомалиската плоча во источна Африка исто така се оддалечеувала од Нубиската плоча низ долината на источна Африка, која се протега низ Етиопија и Кенија.
Се уште не се знае многу за ова, вклучително и затоа што се распаѓа африканскиот континент. Некои сметаат дека причината за тоа би можело да биде масовното движење и загревање на растопените карпи, магма, која се наоѓа под Источна Африка.
„Последните години ГПС инструментите кои се ослонувале на мерењата од сателитите, им овозможиле на научниците, прецизно, до милиметри, да го измерат движењето“, изјавил геофизичарот Кен Мекдоналд, професор од Калифорнискиот универзитет во Санта Барбара.
„Ваквата појава, се следи со постојано теренско истражување на местата каде тоа се случува, во регионот Афар кој се нарекува ‘Дантев пекол’“, изјавила Синтија Ебингер, геофизичарка од Универзитетот во Њу Орлеанс, која таму работи. Најтоплиот населен град на Земјината површина е токму Афар, каде температурата често изнесува и над 55 степени Целзиусови, а ноќта се лади до 35 степени, вели таа.
Некогаш од нејзините истражувања на терен, како што наведува NBC, е забележана џиновска пукнатина од 56 километри, која во Етиописката пустина се отворила во 2005 година.
Тој слоевит расед кој настанал за само неколку дена, е еквивалентен стотина години од вообичаеното движење на тектонската плоча.
Од тогаш цели 15 години Ебингер изучува што ја покренува оваа екстремна појава. Нејзиното истражување укажува ека раздвојувањето на плочата не било отсекогаш глатко и еднолично, туку има и силни движења и триења.
Ебингер смета дека растечкиот притисок на магмата која се издигнува од утробата на Земјата, може да предизвика експлозивни појави видени во регионот Афара, што го споредила со пукање на пренапумпан балон.
Со време, сега единствениот африкански континент ќе се подели и ќе меѓу него ќе се создаде нов океан, така што Аденскиот залив и Црвеното море ќе го преплават регионот Афара и целото подрачје од Источна Африка, чиј еден дел ќе остане сув и ќе стане нов помал континент.
Ова се очекувањата на Мекдоналд. Трите плочи ќе се раздвојат со различна брзина. Арабиската плоча се одвојува од Африка со брзина од околу 2.5 сантиметри годишно, додека двете африкански плочи се одвојуваат за половина побавно.
Иако тоа е многу бавно, истражувачите велат дека сепак ова се јасни знаци дека тоа се случува и дека плочите се лупат една со друга. Регистрирано е и тоа дека материјалите, длабоко во Земјата се движат кон површината, формирајќи раб на иден океан.