ВИДЕО – Четирите цркви во Крушево – симбол на христијанството, славната историја и борбата за слобода

Покрај прекрасната природа, вечното почивалиште на Тоше, големиот број на музеи и споменици на културата заштитени со закон и 4-те цркви во Крушево се едни местата кои се најпосетувани по бројот на туристи. Станува збор за црквите, Свети Никола која се наоѓа во самиот центар на градот, над неа веднаш е Свети Јован Крстител, потоа црквата Успение на Пресвета Богородица и црквата Света Троица.

 

 

Според историските податоци црквата Свети Никола е градена во втората половина од 18 век и тогаш таа не била од тврда градба. Црквата се гради веднаш по напливот на христијанско население кое започнува да се населува на ова место. Нема точни историски записи како е изградена црквата, но за нејзиното градење има две легенди.

 

Според едната легенда црквата ја гради населението од селото Стари Дол кое се наоѓало кај манастирот Свети Спас, а кое село сега не постои, според другата пак легенда црквата ја градат жителите на Москополе кои во тоа време се населуваат во Крушево.

 

„Според едната легенда изградена е од населението на соседното село Стари дол, денеска има во близина на манастирот Св. Спас. Нападнато е до соседните муслимански села неколку пати, а последниот пат околу 1760 и некоја година и кога се доселуваат тука ја носат престолната икона од селото, од Св. Никола. Како што и тие сведочат во своите спомени 1830 година, кога се качиле горе на ридот и гледале како селото гори, колку им било жал за нивната убава и мила мала црквичка која што се намачиле да ја изградат и од неа ја спасиле само престолната икона Св. Никола која што ја донесле тука. После одреден период е изградена и според таа икона е и името и патронот на новата населба, црквата Св. Никола. Другите податоци викаат дека е изградена, односно името е добиено и пренесено според името на црквата во село Николица, во близина на Москополе, од москополското население кое што доаѓа исто тука во истиот период во Крушево“, вели Зоран Богески, историчар.

 

ЦРКВАТА СВЕТИ НИКОЛА

 

Како објект од тврда градба е изграден во 1832 година и таа црква имала сосема различна форма од денешната и била многу поголеми димензии. Највредното ремек дело во таа црква бил големиот иконостас кој го изработил познатиот македонски копаничар Петре Филипоски Гарката, кој последните децении од својот живот ги поминува во Крушево, а иконостасот го правел цели 20 години заедно со неговиот зет Димитар Станишев.

 

„Инаку црквата во текот на 70-тите години од 19 век станува и катедрална или соборна црква на Охридско-преспанската митрополија, кога во Охрид доаѓа паралелен егзархиски словенски митрополит, охридскиот патријаршиски митрополит. Поради тоа што тука има поголема концентрација на патријаршиско население, приврзани на грчката пропаганда, доаѓа и седиштето го пренесува во Крушево. Митрополијата се најдувала во близина на денешниот пазар во Крушево, која што како објект не постои. Податоците викаат дека митрополитот, покрај тоа што имал своја канцеларија во неа, многу често изнајмувал и приватни куќи и отседнувал во тие куќи, или ги изнајмувал за болници кои ги финансирала самата митрополија“, вели Богески.

 

Според историските записи токму оваа црква е местото од каде објавен почетокот на Илинденското востание.

 

„Непосредно пред востанието, неколку востаници се протнуваат на службата и се качуваат горе во камбанаријата и вечерта, според наредба на горското начелство и според планот, со биење на камбаните го објавуваат востанието. Раководителите го објавуваат востанието со Христос воскресе, притоа ги отвораат вратите во црквата и влегуваат дел од востаниците, се позиционираат, бидејќи во непосредна близина се османлиските административни згради како што Оќуматот, таксидарите односно даночните служби, поштата итн., и се користи како стратегиска позиција за ослободување и завземање на градот. Притоа, во време на Илинден, тука дел од горското начелство, односно дел од востаничко-цивилната управна воспоставена власт присуствува на организирана панихида во чест на падните борци за ослободување на Македонија“, истака историчарот Богески.

 

Но за жал целото непроценливо богатство кое го поседувала црквата е срамнето до темел и целосно изгорено при нападот на Крушево од страна на отоманската војска за време на Илинденското востание. И за тоа постојат два историски записи за тоа како е уништена црквата.

 

„Првиот податок вика дека црквата при бомбардирањето на градот, погодена е камбанаријата и нејзиниот пад создал толку голем оддек, што османлиите мислеле дека погодиле некој магацин со оружје во центарот на градот и го насочиле бомбардирањето тука. За тоа сведочат повеќе извори, вклучително и крушевчанките кои што биле згрижени или сокриени во непосредна близина на самата црква, а тоа е куќата на познатата фамилија Ничота, односно денес актуелниот градоначалник на Солун, Јани Бутарис потекнува од таа фамилија. Другиот извор вика дека Емин Оџа од Алданци, кои често престојувал во Крушево, знаел со какво богатство располага црквата. Со одреден број башибозуци, османлиска паравоена единица, дошол во близина на црквата, ја потурил со газија, наполниле голем број вреќи со вредни предмети и ја запалиле“, додаде Богески.

 

Едно од преданијата вели дека токму во оваа црква на целата чета предводена од војводата Питу Гули уште додека биле живи, пред да започне битката на Мечкин Камен, им било испеано опело или црковна служба за упокоени, затоа што знаеле дека нема да се вратат живи.

 

 

Црквата е возобновена во периодот 1905-1907 година и ја добива денешната форма и изглед. По возобновувањето повторно станува седиште за Цариградската Патријаршиска Митрополија.

 

 

За оваа црква интересно е да се каже и тоа дека денес во црковната камбанарија е сместен и стариот градски часовник. До камбанаријата се стигнува по тесни метални скали. А самиот часовник пак е поврзан со големото звоно.

 

Токму поради целата оваа историја која ја има оваа црква, приказните, легендите, нејзината раскош и убавина, но и поради моштите кои таму се чуваат како оние на Свети Климент и неколку други христијански светители таа е еден од најпосетуваните објекти од страна на туристите во Крушево.

 

Црквата Успение на Пресвета Богородица спаѓа во т.н. преродбенски цркви, започната со градба во периодот 1867/1868 година. Во тој период доаѓа до национална артикулација и афирмација на македонското христијанско население од Крушево.

 

Согласно тогашните османлиски закони во секое населено место доколку се организирале 40 фамилии, односно 40 куќи можеле да формираат општина, но главен услов било да се има изградено црква околу која ќе се организираат сите надлежности од т.н. Милет систем кој бил на сила во тогашната османслиска империја. Оваа црква ја гради македонското Мијачко и Брсјачко население.

 

„Еден од главните мајстори бил Стојче Кецкаров, кој што ја иградил. Изградена е со донации од емиграцијата од ова население, сконцетрирано во соседните балкански држави и со домородното крушевско македонско население. Набрзо организирана е и народна општина, не македонска општина, потенцирам народна општина бидејќи во тој период постојат и султански фермани кои ја забрануваат употребата на името Македонија. Таа општина функционирала со крушевскиот говорен јазик, околу 2 години и се користел во администрацијата на таа општина, во наставата во училиштата итн. За таа цел, на 14 март 1868 година, во непосредна близина на храмот е откупена куќа од некоја баба Румена Наумческа за 550.000 гроша, која е преадаптирана во училиште. Во 1870 година куќата е срушена и на нејзино место е изградено денешното егзархиско училиште, кое што до одреден период и во наше време функционираше како активно училиште“, истакна Богески.

 

ЦРКВАТА УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

 

Со црквата се поврзани два интересни историски заведени факти. Првиот е дека во 70-тите години од минатиот век, кога се правела главната улициа во Крушево се откриени подземни тунели долги над 100 метри преку кои востаниците влегувале тајно во црквата. За жал денес тунелите се затрупани. Ова е местото каде што бил влезот на еден од тунелите.

 

„Имено, тунелот по нашите истражувања водел од куќата на Томе Никлев, првиот началник на македонската револуцинерна организација за крушевскиот револуционерен реон, член на гроскиот штаб за време на востанието и неговиот татко, Никола Петров Груески е првиот претседател на народната општина. Самиот тунел завршувал во внатрешноста на црквата. Тогаш откриена е една мала сала на самиот асфалтен пат, во која што е откриена е една мала масичка, односно синија, на која што имало отворено чекмеже полно со куршуми и два Наганг револвери. За жал тоа е уништено“, кажа Богески.

 

Вториот куриозитет е дека ова е единствената црква која не е уништена за време на Илиндеското востание. Според преданието црквата ја заштитувала самата светителка затоа што топовските ѓулиња не можеле да ја срушат. Шпрапнели и делови од топовската муниција се уште има на таванот од црквата. Ова го има документирано и Никола Киров Мајски, револуционер, писател и еден од авторите на Крушевскиот манифест.

 

„Имено, како што соопштува Мајски, кога османлискиот аскер пробива од низината кон Крушево, во близина на денешниот хотел Монтана, се концентрира за да изврши бомбардирање на градот со артилерија. Во меѓувреме доаѓа командантот на одредот, револтиран зошто се уште не се почнати со бомбардирање и зошто е останата единствената црква несрушена во градот. Заповедал на некој си топчија Махмуд од Анадолија да изврши бомбардирање, тој го насочил топот кон црквата, истрелал неколку пати и потоа одбил да пука. Тој останал шест месеци во Крушево, бил нем после настанот, сведочел дека ја видел светицата во форма на оган како му се заканува со прст. За тоа и ден денес постојат траги во куполата. Според наши истражувања од стручни лица балистичари, навистина истрелите се извршени според физичките траги од јужната страна, односо делот буквално може да се утврди кон хотел Монтана“, вели Богески.

 

И оваа црква со своите приказни и легенди секоја година привлекува огромен број посетители и туристи.

 

Црквата Свети Јован Крстител уште се нарекува и Влашка затоа што ја гради влашката заедница во овој град. Изградена е веднаш по Илинденското востание во периодот од 1903 до 1905 година.

 

Најимпозантниот дел од црквата е иконостасот изработен од браќата Нестор и Лазар Алексиевски, тој е изработен во длабока резба од липово дрво. Во оваа црква е сместена е трајна поставка – галерија на икони.

 

„Во 70-тите години од 20 век отворена е и музејска постафка, односно формирана е галерија на икони, кога се откриени алатите и дел од библиотеката на дел од познатите крушевски зографи. Таа е поместена во горниот дел од објектот, односно во терасата. Во истиот период, на влезот аплицирани се и фрески од 17 век, поточно 1627 година од манастирот Св. Атанасиј кај село Локвени. Дел од тие фрески се исто така аплицирани во црквата Св. Тројца. Галеријата на икони ја сочинуваат икони од крушевскиот реон, претежно од градот Крушево. Тука се преместени вредни библиотечни единици од некаде 15 до 19 век, сопственост на крушевските зографи, потоа ерминии, тоа се скици и шеми по кои се изработуваат фрески, кои ги користеле за изработка на фрески, нивниот алат, четки, како се раствора бојата, фолии за позлатување, ваги со кои се мереле количината и составот за комбинација на бои“, додаде Богески.

 

ЦРКВАТА СВЕТИ ЈОВАН КРСТИТЕЛ

 

Исто така доста интересни и раритетни се и двете ѕидани големи печки кои стојат на северната и јужната страна на црквата. Иако се исправни денес тие не се во функција.

 

Поради сите овие уникатни работи црквата Свети Јован е доста посетувано место од сите гости во Крушево.

 

Четвртата црква во Крушево е храмот посветен на Света Троица. Осветена е пред неколку години, а изградена на иницијатива на населението од селото Бирино.

 

„Црквата е градена некаде 1881 година. Настрадана е во време на востанието. Често имало обиди за преземање од соседните пропаганди за организирање на општина. Во неа нема фрескоживопис. Во 1978 година поместени се дел од фреските од манастирот Св. Атанасиј, дел се аплицирани во внатрешниот простор, дел се уште не се изложени. Исто така, во црквата има една побогата збирка на стари икони, кои се планира да се изложат“, потенцираше Богески.

 

ЦРКВАТА СВЕТА ТРОИЦА

 

Малку биле градовите во Македонија како Крушево кои во овој период имале таква економска моќ која најлесно можела да се забележи преку 4-те цркви и нивната велелепност. Токму оваа нивна импозантност, приказните поврзани со нив и целата историја, се главните адутите со кои тие се едни од најпосетените места во Крушево.

elementor-template id=”49285″]

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи