Синдикалните организации во државата ги осудија постапките на фирмите кои добиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени.
„Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано“, велат синдикатите во заедничко соопштение и бараат јавно да се објават имињата на компаниите кои ја злоупотребиле мерката.
Бараат од УЈП во најкус можен рок, согласно своите законски овластувања, да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати.
„УЈП, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства. Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работодавачи за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик“, бараат синдикатите.
Синдикатите предлагаат во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работниците, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.