На форумот градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски истакна дека заедно со граѓаните се реализираат многу проекти, а проектот за гасификација е илустрација на реализирано барање на граѓаните.
„Општина Крушево забележува и највисоко ниво на капитални проекти кои се дел од буџетот за 2020 година споредбено со другите општини, а учеството на јавните трибини е исто така најголемо. Разговараме секојдневно и заедно со граѓаните денес реализираме проекти од над 5 милиони евра.
Служби на општината спроведуваа и анкети, и во градот и во населените места, и на тој начин изворно, од прва рака, дознавме за приоритети на граѓаните, а врз основа на тоа реализиравме многу проекти кои не беа дел од предизборната програма, но произлегоа како барања од граѓаните.“, истакна градоначалникот Христоски.
На настанот учествуваа и градоначалникот на општина Прилеп Илија Јовановски и претставник на организацијата Иницијативен глас Александар Гаврилоски.