И по 19 години од трагичниот настан кај месноста Карпалак кога од страна на терористите беа убиени 10 мина прилепчани нема изградено споменик ниту пак во целост се исполнети барањата на бранителите. Ацо Јованоски, возач на еден од автубусите со кој се превезуваа бранителите во моментот на нападот, со емоции и солзи зборува за настанот.
„Пораката и желбата ми беше на тоа место да се изгради споменик, меѓутоа и утре ќе го поставиме цвеќето на банкината на автопатот“, низ солзи раскажува Ацо Јованоски, возач на еден од автубусите со кој се превезуваа бранителите.
Бранителите се крајно револтирани од државата и партиите кои цели 19 години си поигрувале со нив и ги споменувале само на избори. Велат додека оние кои ја нападнаа Македонија сега ги уживаат сите права, голем дел од бранителите не биле ниту вработени.
„Повеќе од половина сме невработени, кој заврши по болници, а голем дел станаа наркомани и алкохоличари. Ние постоиме само пред избори и за овој ден. Еве вака ќе дадеме некоја изјава, ќе си поплачиме така да речам и тоа е. Зошто терористите кои пукаа на нас, што не испотепаа сега се во парламентот, дома седат плата земаат, а ние се бориме со животот како со лав“, истакна Диме Ристески, еден од ранетите бранители на Карпалак.
Одбележувањето на 19 годишнината од Карпалак попладнево започна со положување на свежо цвеќе пред споменикот во прилепската касарна каде почит оддадоа семејствата на загинатите, делегација од Општина Прилеп и делегации на здруженијата на бранители.
„И никој нека не помислува дека овие луѓе застанаа таму каде што загинаа. Се впишаа во бесмртните. Ќе сведочат и убедуваат за тоа колку е скапа слободата и затоа се брани секој ден и постојано. А ние, вашите браќа по оружје ќе продолжиме да го гарантираме мирот и безбедноста на секој македонски граѓанин“, изјави потполковник Ѓорѓи Василевски, командант на прилепскиот гарнизон.
Одбележувањето од касарната продолжи кај спомен обележјето во манастирот Света Петка кај село Лениште, а утре ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на бранителите во центарот на Прилеп.