ВИДЕО – Во Крушево се одржа првиот пливачки маратон – „Тоше Проески“, учествуваа 40-тина пливачи

Крушево го доби својот прв пливачки маратон насловен по нашата најголема музичка ѕвезда „Тоше Проески“, кој викендов се одвиваше во водите на вештачкото езеро во близина на  Гумење. Учествуваа 40-тина учесници, на возраст од 9 до 55 години, од повеќе клубови од Македонија. Маратонот беше со должина од 2,5 км., односно се пливаа 5 кругови во езероото долги по 500 метри. Организатор и креатор на настанот е пливачки клуб „Вардар 2018“.

 

 

„Маратонот спаѓа во купот на Македонија, во еден од маратоните во купот на Македонија. Целта ни е да го промовираме Крушево, маратонското пливање, клубот „Вардар 2018“. Се надеваме дека како и оваа годиина така и аредните ќе продолжиме со успешна реализација на маратонот“, истакна Митко Јордановски, тренер во пливачки клуб „Вардар 2018“.

 

Учесниците беа од различни возрасти поделени во 3 категории, а имаше и ревијална трка за најмладите долга 800 метри. За најголемиот дел од нив ова беше едно сосема ново искуство затоа што никогаш не пливале во ова езеро. Имаше и награден фонд од 20.000 денари во женска и машка конкуренција и тоа за прво место  5.000 денари, второ 3.000, трето место 2.000 денари.

 

„Сум пливал, имам искуство, но прв пат ми е на крушевското езеро“, рече Никола Гајтановиќ, учесник на маратонот, пливачки клуб „Вардар 2018“.

 

„Прв пат сум тука на крушевското езеро, засега е супер очекуваме добра организација и одлични резултати“, кажа Филип Дерковски, пливачки клуб „Орион“.

 

„Имаме 9 години, пливам во клубот „Вардар 2018“, ова ми е прв марато, немам никогаш пливано“, вели Калина Димитровска, пливачки клуб „Вардар 2018“.

 

„За овој маратон доста напорно се подготвував со оглед на целата ситуација со коронавирусот. Се надевам дека ќе испливам успешно“, додаде Јана Констандиновска, пливачки клуб „Нептун“.

 

Натпреварот го следеше и голем број на публика, но се беше според новите правила и прописи за заштита од Ковид 19.

 

„Се надеваме дека овој маратон ќе стане традиционален, местото е прекрасно, се е убаво, се надеваме дека одлично ќе помине и организацијата. Мерките за заштита се почиитуваат, но од друга страна сме во природа и е треба толку да се плашиме“, истакна Јоргос Вунвулакис, посетител на маратонот.

 

За ветераните пливалии ова е една иницијатива која треба според нив да се спроведе во сите наши езера.

 

„Јас дојдов лично да пливам, јас сум ветеран маратонец од Кавадарци, сигурно сум најстар меѓу овие пливачи. Ова е одлична идеја, имаме прекрасни езера во Македонија и оваа идеја треба да се реализира во сите наши природни и вештачки езера“, потенцираше Бошко Илиев, ветеран пливачки маратонец.

 

Општина Крушево во ова гледа уште една можност за зголемување на туристичката понуда и приивлекување на повеќе посетители.

 

„Оваа година за прв пат во Крушево се организира еден куп по пливање, „Тоше Проески“, со тоа од од една страна сакаме да продолжиме да го негуваме ликот и делото на нашата најголема музичка икона, а со тоа ние како општина продолжуваме со разни содржини да привлекуваме се поголем и поголем број на гости. Во наредниот период сакаме да понудиме куп во кајакарење, пливање и рибарење, некој домашен или меѓународен натпревар“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

 

Пливачки клуб „Вардар 2018“ планира овој маратон да стане традиција и да се организира секоја година.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.