51 годишниот Т.С. од Крушево е приведен во полициска станица во врска вооружениот грабеж на Уни банка кој се случи вчера во Крушево околу 16.20 минути. Од МВР информираат дека денеска по наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Прилеп бил извршен претрес во неговиот дом и помошните простории кои тој ги користел. Во моментов се преземале сите потребни мерки за расчистување на случајот.
Неофицијално дознаваме дека се уште не се пронајдени украдените пари, чиј износ според првичните информации изнесува околу 25.000 евра во денарски апоени. Неофицијално исто така дознаваме дека е пронајдена и дел од облеката на осомниченото лице во кој тој бил облечен додека го вршел грабежот, но и тоа треба дополнително да се испита и да се потврди од страна на органите.
Инаку вчера окоу 16.20 минути едно машко лице влегло во банката со пиштол, за кој се уште не се знае дали бил вистински или не. Според првичните информации со кои засега располагаме, а кои се уште не се потврдуваат од МВР, по влегувањето во банката лицето им се заканило на тројцата вработени да го отворат сефот. По отворањето на сефот ги затворил вработените во една просторија од банката, им ги врзал рацете со селотејп трака, ги зел парите и избегал во непознат правец.
Засега не се знае дали лицето имало логистичка поддршка од други лица или бил само во оваа акција.
Инаку денеска преку соопштениеи од УНИ Банка, во врска со вчерашниот вооружен грабеж известија дека во овој немил настан нема повредени и вработените биле безбедни и во добра состојба.
Банката соработувала со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот. Средствата на нивните клиенти биле сигурни, бидејќи Банката имала осигурување на целиот свој имот и средства. Паралелно работеле со истражните органи на утврдување на висината од направената штета, за што дополнително ќе ја известеле јавноста.
Од Уни банка велат дека се превземале дополнителни мерки за зголемување на нивото на сигурност во сите нивни експозитури.
Повеќе детали околу овој случај се очекуваат во текот на денот.