Македонија во наредните 6 години ќе биде земја-домаќин на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа

 

 

Од денес во наредните шест години Македонија ќе биде земја-домаќин на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа.

 

Во касарната „Боро Менков“ во Куманово на свечената церемонија ќе биде пуште и реновираниот објект од страна на министерството за одбрана, каде што во наредните шест години ќе биде сместена мултинационалната Команда на Бригадата.

 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска, во пресрет на вечерашната свеченост, го посети објектот во кој до 2026 година ќе биде стационирана Командата, порача дека 2020 година беше успешна во одбраната и даде две причини за славење – членството во НАТО и преместувањето на Командата на SEEBRIG во Куманово. Додаде дека следните шест години имаме прилика да покажеме дека можеме да бидеме функционални, одлични и многу кооперативни домаќини.

 

“Иако ни беше потребно повеќе време да станеме членки на Алијансата од останатите земји – учесници во SEEBRIG, ние не престанавме да соработуваме, што беше шанса побрзо да се подготвиме за членството во НАТО. Сега, кога сите членки на оваа иницијатива се и членки на НАТО, ќе можеме и во нашиот регион, меѓутоа и во рамките на НАТО да покажеме дека сме и сојузници, но пред сè сме мудри и добри соседи”, рече министерката.

 

Во состав на командата се и Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција. Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа кој во 1998 година е потпишан во Скопје.

 

Досегашни домаќини на командата на сеебриг беа Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.