Во последниве години се поактуелна тема е транспарентноста и отчетноста на општините и овозможување на граѓанско учество во креирање на локални политики и буџети.
Граѓанското учество им овозможува на граѓаните да се вклучат во процесите на донесување на одлуки кои директно или индиректно влијаат на нивниот живот, и да дадат свој придонес во донесувањето на ефективни и ефикасни одлуки од носителите на политики.
Една од формите на граѓанско учество е буџетското партиципирање, кое е од особено значење за граѓаните бидејќи секој од нас сака да знае како се трошат јавните пари, и да има можност да го набљудува и следи трошењето на јавните пари.
Мрежата на ЛАГови оваа година своите активности ги насочува кон информирање на граѓаните, граѓанското општество, бизнис заедницата и локалните медиуми за буџетско партиципирање и следење на транпарентноста и отчетноста на општините проследено со зголемување на свеста на сите вклучени страни за трошењето на јавните пари, и отворање на можности за граѓаните да влијаат на одлуките на локалните власти при идентификување на приоритетите за трошење на јавните пари.
Преку проектот “Јавни пари за јавно добро” поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија, во соработка со граѓански организации, академски институции, бизнис ентитети и медиуми кои активно делуваат на територијата на општина Битола, Мрежата на ЛАГови цели кон зголемување на информираноста и учеството на граѓанскиот сектор и граѓаните врз транспарентноста на трошењето на локалните јавни пари преку рефлектирање на правата и интересите на граѓаните, а со цел зголемување на ефикасноста на трошењето на општинските пари.
Во наредниот период ќе има медиумска кампања насочена кон информирање на граѓаните, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата за процесот на подготовка и креирање на општинскиот буџет, начините и формите за вклучување на засегнатите страни во донесување на одлуки поврзани со трошењето на јавните пари, партиципативно буџетирање и зголемување на транспаретноста на општините.
Овој проект ќе ја издигне непходноста за воведување на партиципативно буџетирање и поголема транспарентност на општините, градење на доверба и соработка помеѓу граѓаните и локалните власти, за граѓаните да дадат свој придонес во подобрување на локалните услуги соодветно на нивните реални потреби, а локалните власти да го подобрат кредибилитетот и ефикасноста во донесувањето на одлуки.
Автор: Мрежа на ЛАГови