Завршија истражувањата на Врбјанска Чука – уникатен локалитет од неолитот кој плени со својата мистика

Туку што завршија истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кај Славеј во Пелагонија. Ова е петта година во која Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј-Прилеп и Институтот за старословенска култура, заедно со повеќе европски институции, работат на овој локалитет, проучувајќи ги материјалната култура, архитектурата, стопанството, обредите и природната околина карактеристични за неолитот, доцната антика и средниот век.

 

Овогодишните истражувања беа концентрирани на ритуалните форми карактеристични за средновековни погребувања, како и на подоцнежните архитектонски фази во рамки на неолитската населба. Како резултат на тоа, се регистрираа уникатни средновековни фунерарни контексти и специфични елементи на најдоцнежните неолитски градби во населбата. Тие натамошно детално ќе се проучуваат и споредуваат со резултатите добиени од претхоните археолошки кампањи. Паралелно со теренското ископување се вршеше и обработка на археолошкиот материјал што овозможува темелен увид во животот на средновековното население и неолитските популации кои живееле и биле активни на оваа тумба. Исто така се земаат примероци за археоботанички, микроморфолошки, геолошки и радиокарбон анализи кои ќе се изведуваат во периодот што следува после археолошкото ископување“, рече истакна д-р Гоце Наумов, Центар за истражување на праисторијата и Музеј на Македонија.

 

 

Како резултат на годинешниве истражувања се добиле импресивни резултати за средновековните ритуали на погребување и неолитската архитектура. Во рамки на неколку неолитски градби биле регистрираа структури во кои се обработувале житарици, како и вкопани канали кои се користеле како основа на ѕидовите. Што се однесува пак до материјалната култура, покрај бројните остатоци од репрезентативна грнчарија и алатки, се открија нови форми на жртвеници, а како посебно ексклузивен треба да се истакне еден керамичен диск на кого има врежани линии во форма на спирала, меѓу кои се присутни точки со убоди.

 

Исто така и средновковните погребувања беа детално истражувани, а може да се издвојат неколку гробни целини под кои биле поставувани намерно кршени парчиња керамиди и камења. Посебно се истакнува и положувањето на отсечен череп на дно од мошне длабока јама за чување жито, а кој бил раздвоен на два дела и внимателно поставен на дното.На тој начин се добија темелни податоци за различните етапи на функционирање на овој локалитет, а кои ќе бидат публикувани во неколку македонски и светски научни списанија. Во тој контекст, треба да се истакне дека туку што беше објавен труд во реномираното списание Антиквити од Кембриџ, а во фаза на печатење исто така е обемен труд во едно престижно германско списаниет. Во овие трудови се сумирани сознанијата од повеќегодишното мултидисциплинарно проучување на археолошките контексти и органските остатоци од неолитските градби во Врбјанска Чука, што врвно го презентира и афирмира овој локалитет на меѓународно ниво“, доаде Наумов.

 

И оваа година крајот на теренското истражување се финализира со екслузивен настан во археолошката сонда. Имено, на локалитетот се одржа концерт на Антоние, еден од ретките македонски соло вибрафонисти, кој подготви програма специјално за овој настан. Концертот беше ретка прилика да се создаде синестезија меѓу локалитетот и авторската музика на Антоние, со што се споија древниот предисториски амбиент и звучните илустрации. На тој начин Врбјанска Чука и музиката на Антоние добија поинаква димензија и вземно се надополнија во нова аудио-амбиентална целина.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.