Заев : 20.000 ден. минимална плата, 34.000 просечна плата, отворање на 80% од преговарачките поглавја

Заев во своето денешно обраќање најави една милијарда странски инвестции, намалување на стапката на невработеност, реформа на јавната администрација, изградба на 260 километри државни патишта и доизградба на Коридорот 8.

 

Заев кажа дека како премиер заедно со сите министри ќе покажат дека можат уште повеќе, па ги наброја идните приоритети, од справување со епидемијата, економијата до предизвиците во надворешната политика.

 

„Имаме план за стабилна економија. Платите ќе продолжат да растат, а со нови пакети ќе ги помагаме ранливите категории граѓани. Нашите цели се јасни 20.000 денари минимална плата и 34.000 просечна плата до крајот на четиригодишниот мандат”, рече Заев пред пратениците.

 

Мандатарот додаде и дека ќе има реформи во правосудниот систем.

 

„Доаѓа време на неселективно владеење на правото. Првиот чекор, е веќе направен од страна на Антикорупциската комисија, за испитување на имотната состојба на судиите и јавноте обвинители. Исто така се проверува и работата на судиите. Судиите за кои ќе се докаже дека свесно застарувале предмети ќе бидат разрешени. Предметите од СЈО, кои со години лутаат во судските лавиринти, мора да добијат разрешница“, рече Заев.

 

Според Заев, епидемијата со коронавирусот ќе се влоши и затоа се подготвуваат нови пакети и економски мерки, повикувајќи ги граѓаните да ги почитуваат заштитните протоколи.

 

„Апсолутно нема место за стоење на страна. секој од нас треба да се вклучи во остварување на оваа програма”, порача Заев.

 

Заев додаде и дека откако државата влегла во НАТО, ќе успее да влезе и во Европската унија.

 

„Новата Влада е посветена на договорите од Преспа и со Бугарија, кои го овозможија тоа. Ќе продолжиме посветено да работиме на добрососедските односи. Ќе продолжиме и со Охридскиот рамковен договор, кој е основа на меѓуетничкиот соживот. Пред нас е период во кој како држава ќе добиме многу повеќе отколку што ќе дадеме. Се обврзуваме во следните четири години да отвориме 80 проценти од преговарачките поглавја“, изјави Заев.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.