Завршија теренските истражувања на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кај Славеј во Пелагонија, соопшти Центарот за истражување на предисторијата, кој петта година заедно со Завод и музеј – Прилеп и Институтот за старословенска култура, како и со повеќе европски институции работи на овој локалитет. Целта е да се проучи материјалната култура, архитектурата, стопанството, обредите и природната околина карактеристични за неолитот, доцната антика и средниот век.
Годинашните истражувања биле насочени кон ритуалните форми карактеристични за средновековни погребувања, како и на подоцнежните архитектонски фази во рамки на неолитската населба.
„Како резултат на тоа, регистрирани беа уникатни средновековни фунерарни контексти и специфични елементи на најдоцнежните неолитски градби во населбата. Тие натаму детаљно ќе се проучуваат и споредуваат со резултатите добиени од претходните археолошки кампањи. Паралелно со теренското ископување се вршеше и обработка на археолошкиот материјал што овозможува темелен увид во животот на средновековното население и неолитските популации кои живееле и биле активни на оваа тумба. Исто така, се земаат примероци за археоботанички, микроморфолошки, геолошки и радиокарбон анализи кои ќе се изведуваат во периодот што следува по археолошкото ископување“, соопштија од Центарот за истражување на предисторијата.
Додаваат дека добиле импресивни резултати од годинашните истражувања за средновековните ритуали на погребување и неолитската архитектура. Во рамки на неколку неолитски градби се регистрирани структури во кои се обработувале житарици, како и вкопани канали кои се користеле како основа на ѕидовите. Што се однесува до материјалната култура, покрај бројните остатоци од репрезентативна грнчарија и алатки, откриени се и нови форми на жртвеници, а како посебно ексклузивен се посочува керамички диск со врежани линии во форма на спирала и точки со убоди меѓу нив.
Истражени биле и средновковните погребувања и се издвојуваат неколку гробни целини под кои биле поставувани намерно кршени парчиња ќерамиди и камења. Посебно се истакнува и положувањето отсечен череп на дно од мошне длабока јама за чување жито, кој бил раздвоен на два дела и внимателно поставен на дното.
Центарот соопшти дека добиените темелни податоци за различните етапи на функционирање на овој локалитет ќе бидат публикувани во неколку македонски и светски научни списанија. Неодамна е објавен труд во реномираното списание „Антиквити“ од Кембриџ, а во фаза на печатење е и обемен труд во престижното германско списание „Прехисторише цајтшрифт“. Во овие трудови се сумирани сознанијата од повеќегодишното мултидисциплинарно проучување на Врбјанска Чука што, како што наведува Центарот за истражување на предисторијата, врвно го презентира и афирмира овој локалитет на меѓународно ниво.