По повод успешно реализираниот проект за подобрување на здравствените услови во Здравствен дом Македонски Брод амбасадорката на Јапонија го посети Здравствениот дом и заедно со Директорот на установата разговараа за огромните бенефити од оваа донација.
Амбасадорката Кеико Хенеда и Директорот Д-р Жарко Симески во кругот на болницата засадија Јапонска цреша во знак на пријателство меѓу Јапонскиот народ и Македонија.
„Ми претставува огромна чест и задоволство да бидам во Македонски Брод. Импресионирана сум од природните убавини на овој регион. Нашата поддршка е сконцентрирана на тоа да граѓаните го подобрат квалитетот на нивниот живот. Ние јапонскиот народ сме многу среќни како пријатели на македонскиот народ за сите граѓани на Македонски Брод што ќе имаат бенефит од овој проект“, рече Кеико Хенеда.
„Огромна Благодарност до Јапонската влада и јапонскиот народ за нивната соработка и целосна подршка за реализирање на проектот за подобрување на медицинските услови во Здравствениот дом во Македонски Брод. Благодарение на вашата донација оваа установа е целосно реконструирана и доби еден нов изглед и подобри услови за работа како за персоналот така и грижа на пациентите во услови кои тие ги заслужуваат. Се надеваме на понатамошна успешна соработка“, изјави Жарко Симески.