Владата го претстави четвриот пакет, составен од 31 мерка, со кои 470 милиони евра се наменуваат за помош на бизнисот и граѓаните за излез од кризата предизвиканата од пандемијата со коронавирусот.
Пакетот предвидува продолжување на субвенционирањето на плата во износ од 14.500 до 21.776 денари по вработен за за октомври, ноември и декември. Таа ќе биде скалеста и ќе зависи од падот на приходот кај компаниите. Вредноста на оваа мерка е 70 милиони евра.
Втората мерка е платежна картичка со 6.000 денари, која ќе ја добијат над 283.000 граѓани за поттикнување на потрошувачката и домашната економија. Меѓу оние кои ќе добијат картички овој пат спаѓаат самохраните родители, пензионерите со пензии под 15.000 денари, пасивните баратели на работа, уметниците итн.
Предвидени се нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка на Македонија, зголемување на грејс периодот за бескаматните кредити од линијата Ковид-1, како и дополнително одложување на отплата на кредити за компании, до крајот на годината.
Во четвртиот пакет мерки особено внимание е посветено на туристичкиот и угостителскиот и транспортниот сектор, и меѓудругото предвидува неповратна помош за туристички агенции, за ресторани за свадби и за игротеки.
Во пакетот се предвидени и мерки за поддршка на човечкиот капитал, за општините, а Викендот без ДДВ ќе се одржи за време на продолжениот викенд 10-11-12 октомври.
Со четвртиот пакет мерки се очекува да бидат опфатени над 600 илјади граѓани.