Компаниите што имаат можност, па дури и оние што покажуваат загуба, да исплатат регрес за годишен одмор, апелираше денеска премиерот Зоран Заев.
„Ние сме Влада за работниците и уште еднаш апелираме секоја компанија која што има можност, дури и оние коишто покажуваат загуба да исплатат регрес за годишен одмор односно познатото К-15 заради тоа што дефинитивно работниците се трајното добро и за компаниите, но и за државата. Уште еднаш Законот и самите колективни договори регулираат дека кога компаниите покажуваат загуба тогаш нивната задолжителност паѓа, но имаме компании што оваа година ќе покажат загуба, но и имаат добра акумулирана добивка од претходните години или знаат дека веднаш загубата од 2020 има сериозен потенцијал да биде покриена во 2021 година“, рече Заев
Претседателот на Владата додаде дека исплатата на регресот за годишен одмор ќе ја зголеми приватната потрошувачка и истовремено ја раздвижува економијата во земјата.
Заев рече дека Владата ќе продолжи да развива мерки за помош на граѓаните и компаниите и целата економија за полесно справување со економските последици од пандемијата на Ковид-19.