Прилепчани давачките кон општината ќе може да ги плаќаат електронски

 

КОЊИЧКИ КЛУБ МУСИЦА – КРУШЕВО 078-377-315


До крајот на годинава на жителите на Куманово, Прилеп, Боговиње, Центар Жупа и Свети Николе ќе им биде овозможено давачките кон општината да ги плаќаат електронски, во било кое време и од било кое место.

 

Фондот за иновации објави повик за дигитализирање на услугите во овие пет општини кој ќе биде отворен до 15 октомври за сите домашни ИТ компании од кои се очекува да направат решенија за воспоставување електронски систем за наплата на давачките, систем за електронско плаќање кон јавните претпријатија и две решенија за отворање на општините кон граѓаните односно електронски систем за волонтери и онлајн платформа за општински форум.

 

„Воспоставување електронски систем за наплата на давачки кон општината значи разни видови даноци и парафискални давачки, во најголем дел даноци на имот, граѓаните да можат да ги платат во било кое време и од било која локација. Сиот оној метеж што го гледаме пред канцелариите, особено даночните канцеларии, како оние пред Град Скопје од пред неколку недели, треба да бидат минато. Бараме и решение за воспоставување систем за електронско плаќање сметки кон јавните претпријатија. Ова не е ново, дел од јавните претпријатија особено во Скопје го имаат како можност, но целта е да дојдеме до систем кој ќе биде лесно применлив во сите општини. Бараме и две дополнителни решенија за отворање на општините кон граѓаните, односно електронски систем за волонтери кој ќе овозможи поголеми вклучување на граѓаните. Станува збор, пред се за млади луѓе, во работата на самите општини и онлајн платформа за општински форум. Ова е една постојна иницијатива која овозможува вклучување на локалните заедници во креирање на локалните политики. Веќе со Министерството за финансии зборуваме и за креирање на платформа, веројатно истата алатка ќе може да се користи и за тој процес за граѓанско партиципирање во креирање на буџетите на локалната самоуправа“, објасни Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

 

Сите четири решенија од Фондот очекуваат да бидат ставени во функција до крајот на годината во петте општини, а штом ќе бидат веќе вградени ќе им бидат понудени бесплатно и на сите останати општини.

 

Компанијата или компаниите кои ќе понудат најдобро решение ќе добијат 70.000 долари, пари во целост обезбедени од УНДП, а ќе добијат и можност решенијата да ги продадат но надвор од границите на земјата, како можност за дополнителен приход.

 

„Со овој јавен повик сакаме да ја искористиме иновациската моќ на приватниот сектор, за да создадеме нови дигитални алатки за доставување на услугите на локално ниво. Со тоа, не само што ќе се овозможи функционирање на општините туку исто така ќе се направат јавните услуги подостапни за граѓаните и поотпорни“, вели Нарине Сахакиан постојан претставник на мисијата УНДП во Македонија.

 

Директорот Деспотовски очекува реализацијата на решенијата овој повик да влијаат и на намалување на корупцијата.

 

„Важен е побрз пристап до услугите, секако и поквалитетни услуги, но има и еден друг аспект, а тоа е дигитализацијата во јавниот сектор да допринесе за зголемување на транспарентноста. Заедно со транспарентноста и намалување на корупцијата. Без разлика дали станува за ситна, секојдневна или станува збор за корупција на повисоко ниво. Дигитализацијата е една од алатките со кои работиме на зголемување на транспарентноста и отворањето на јавниот сектор“, рече Деспотовски.

 

Договорите со компаниите ќе бидат потпишани првата недела од ноември, проектите ги очекуваат на почетокот на декември и да до крајот на декември тие треба да бидат применети во оние општини каде што ќе има техничка можност. На општините кои се дел од пилот проектот, а немаат технички услови ќе им биде оставено дополнително време да ги обезбедат условите.

 

Директорот Деспотовски по реализација на проектот за дигитализација на општините најави и проект за едукација на граѓаните за користење на дигиталните услуги.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи