1349 рамковни административци од февруари треба да започнат да одат на работа

 

По десетина години од нивното формално вработување, 1349 административци кои се водат како вработени по рамковен договор ќе почнат да одат на работа, исткна денес министерот за политички систем Артан Груби. Тие ќе бидат вработени во 237 институции.

 

„Ако по кој било основ кој било од нив не дојде во рок од 7 дена, тогаш на сите тие им се укинува работното место во Министерството за политички систем и се ставаат на трансфер листа во Министерството за информатичко општество и администрација каде веќе изборот не е нивен, односно од институцијата која има слободно место им се нуди. Ако тоа го одбијат им се укинува работниот договор. Немаат веќе право да прибираат и да бараат друго работно место, ова е единствената опција“, рече на прес-конференцијата Груби.

Најмногу места за нив ќе отстапи Министерството за внатрешни работи – 143, во УЈП ќе работат 92, во правобранителство и Царинска управа по 74.

 

Министерство за внатрешни работи – 143

Управа за јавни приходи – 92

Царинска управа – 74

Државно правобранителство – 74

Управа за водење матични книги – 41

Министерство за надворешни работи 26

Државен пазарен инспекторат – 25

Клиничка болница Тетово – 25

Агенција за вработување – 20

 

Првиот вицепремиер и министер за политички системи, Артан Груби објасни дека освен Албанци, меѓу административците има и Македонци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци. Потенцираше дека сите рамковни административци се распоредени на работните место на позиции соодветни на нивното образование и таму треба да им се овозможат обуки за да ги унапредат нивните вештини и знаења.

 

Во долгата листа имало економисти, правници, но и само со завршено средно образование. Груби тврди дека оние кои не биле во земјава а земале плата, сега добиле отказ и листата била прочистена.

 

Досега од овие административци на работа оделе само 44ца. За нив од државниот буџет во изминатите години се исплатија околу 70 милиони евра.

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи