Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, денес на Тиранскиот Форум изрази силна поддршка за отворањето на преговори со Албанија, а што се однесува до Македонија, тој инсистира на брзо решавање на спорот со Бугарија.
„Македонија задржа стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите, посебно во делот на фундаменталните услови. Важно е да се изнајде заеднички прифатливо решение за билатералните прашања помеѓу Македонија и Бугарија брзо“, вели Вархеји.
Вархеји ја пофали новата методологија за преговори благодарение на која се надмина ветото на Франција за почетокот на преговорите со Албанија и Македонија.
„Оваа нова методологија веќе се одразува во нацрт преговарачките рамки за Албанија и Македонија. Земјите членки сѐ уште не постигнале договор за нив и разговорите продолжуваат во Советот. Ги поддржуваме овие напори и се надевам дека првите меѓувладини конференции ќе можат да се свикаат што е можно поскоро под португалско претседателство“, изјави Вархеји.