Повеќето луѓе се интересираат зошто имавме желба да станеме дел од извидничкото движење.
Нашиот одговор е едноставен: затоа што сакавме да пробаме нешто ново, да се надоградиме како индивидуи, да ги подобриме нашите искуства и способности за престој во природа, да се препуштиме во безброј авантури, а најмногу да стекнеме нови пријателства и незаборавна дружба. Ние сме дел од извидничкиот одред „Феникс“ веќе неполни две години, а научивме толку многу. И покрај тоа што по неколку месеци однашето давање извиднички завет во февруари се појави пандемијата Covid19 и нѐспречи да продолжиме со голем дел од нашите предвидени активности и настани, ние не се откажавме и ги реализиравме на поразличен начин. Меѓу онлајн часовите со нашите водачи, кои целосно се трудеа да ни ја доловат извидничката програма преку платформата Zoom, Сојузот на извидници на Македонија имплементира двомесечен предизвик кој ги вклучи сите одреди во нашата земја. Ние како учесници со нетрпение го чекавме секој нов ден и секој нов предизвик кој го извршувавме во нашиот дом. Истовремено, се одржуваа извиднички сесии за подобрување на нашите вештини на кои, се разбира, се здобивме со знаење и нови познанства.
Заедно со нашиот одред успеавме да го „одржиме извидништвото во живот“, со нашата одредска онлајн програма, одбележување на празниците во изминатата година и нашиот 6ти роденден. При дозвола од надлежните организиравме и неколку хуманитарни акции, неколку прошетки во природа и се разбира големиот настан кој ни го разубави целото лето. Тоа беше летниот фестивал (Pletvar Outdoor Festival) кој се одржа на крајот од месецот август и беше исполнет со незаборавни авантури, дружби, забави и предизвици, за кој се надеваме дека ќе ни прерасне во долгогодишна традиција која ќе може да ја посети секој и да види како се дружиме, соработуваме и учиме од близу.
Неколку од активностите нѐ внесоа во светот на волонтирањето, а други пак во светот на авантурите и забавата. Додека пак, оваа долга пандемија нѐ научи дека Извидникот не се откажува и нѐ мотивира да продолжиме да бидеме извидници, да им помагаме на луѓето, да го шириме извидништвото и да го правиме светот подобро место за живеење.
Марија Мургоска и Матео Петкоски – членови во Извиднички одред „Феникс“ – Прилеп