Археолози од Франција и од Норвешка во Западната пустина во Египет откриле остатоци од христијански манастир кој датира од 5. век, што докажува дека имало монашки живот во тој период во Египет, но и дополнително ќе придонесе да се добие увид во секојдневниот живот на монасите.
„При ископувањата во оазата Бахарија, археолозите пронајдоа неколку згради направени од базалт, некои врежани во карпите, како и неколку направени од цигли од кал. Комплексот се состои од шест сектори, кои содржат руини од три цркви и ќелии за монаси, при што ѕидовите се исцртани со графити и симболи со коптска конотација“, соопшти египетското министерство за антиквитети.
Според зборовите на Виктор Гика, водач на археолошкиот тим, на ѕидовите од црквата се испишани религиозни пораки и цитати од Библијата на грчки јазик кои што ја „откриваат природата на монашкиот живот во тој дел од светот и го докажуваат нивното присуство во 5-от век“.
Зафрлениот локалитет, сместен во пустината југозападно од Каиро, бил населен од 4. до 8. век.
Египетските власти во последните неколку месеци соопштуваа за откритија на неколку локации, надевајќи се дека ќе ја унапредат туристичката понуда.