Откако зад себе ја оставија 2020-та, годината што протече во знак на зараза со новиот коронавирус, главниот словенски празник, збогувањето со зимата, Русите го прославија максимално креативно.
Во сите градови во Русија секоја година во пресрет на почетокот на велигденските пости се слави древниот словенски празник Масленица, посветен на испраќањето на зимата и доаѓањето на пролетта. Празникот трае цела недела. Тогаш Русите пржат палачинки (блини), а во недела се организираат народни веселби со танцување, санкање и ритуално палење на плашило. Со палењето плашила луѓето го поврзуваат избавувањето од сето лошо што ги следело во текот на претходната година.
Во Јужно-Сахалинск (9300 километри од Москва) во чест на празникот оваа година беше испржена огромна палачинка со пречник од 2,5 метри, се наведува на сајтот на градската управа. Беше тешка 15 килограми, а за нејзината подготовка беа потрошени 30 килограми тесто. Палачинката на крај им беше поделена на сите кои изразија желба да ја пробаат.
Во Владивосток и другите градови во Русија на Масленица мажите се качуваа на столб кој воопшто не беше лесен за искачување. Оние кои успеваа во тоа, освојуваа како награда бела техника и мебел.
Николај Михаљченко/TASS
Во Новосибирск локалните „моржови“ (љубители на зимско капење) трчаа во облека за плажа со пераи и на скии, а потоа пливаа во ледената вода. Покрај костуми за капење, „моржовите“ носеа и кокошници и шапки-ушанки.
Жителите на Липецката област (400 километри од Москва) наместо обично плашило палеа плашило „Ковид-19“ со цел што побрзо да ја победат во регионот заразата предизвикана од новиот вирус на корона.
Најголемиот перформанс со плашило се одржа во уметничкиот парк во Калушкото село Николај Ленивец (200 километри од Москва). Во паркот, според замислата на московскиот сликар Сергеј Пахомов, беше запален огромен замок на корона-човекојадци заедно со маски и сите особености на животот за време на пандемијата.
Во текот на палењето во паркот се држеше социјална дистанца која ја контролираа патувачки актери-комедијанти. Тие ги растеруваа поголемите групи луѓе со метли.
Во овој момент сите мислат на новата „чума“ – коронавирусот. Научниците и лекарите се борат да ја победат инфекцијата, а и ние, обичните луѓе, треба да им помогнеме колку што можеме. Да речеме така што на Масленица ќе изгориме сè што не е добро. Кај нас тоа ќе биде голем замок корона-човекојадци… Откако ќе го запалиме, болеста ќе почне да се повлекува и сите ќе бидат здрави, рече основачот на паркот Николај Полиски.
ИЗВОР : mk.rbth.com