Решение што на потрошувачите им нуди практично и интересно парче мебел „MultiBox“, му донесе победа на средното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп на натпреварот во претприемачки вештини организиран од Џуниор Ачивмент ж Македонија.
Нивната бизнис идеја е коцка мебел која се трансформира во столче, масичка и фиока за складирање и нуди подобра функционалност и искористеност во просторот. Изработена од специјално обработена и моделирана отпадна пластика на корисникот му нуди практично решение за секој мал простор и може да се собира според потребите на потрошувачите. Димензиите овозможуваат и комбинирање на повеќе коцки.
„Ова се дел од идеите кои петчлената жири-комисија имаше можност да ги слушне минатата недела. На натпреварот кој се одржа од 3 до 15 март 2021 година, учествуваа 123 ученици од 16 тима од средни училишта од Битола, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Охрид, Прилеп, Свети Николе, Скопје, Струмица и Штип“, соопштија од ЏА.
Тие истакнуваат дека поттикнале вклученост и од бизнис заедницата, со што учениците имале можност да работат со 16 бизнис волонтери кои ги советуваа и помагаа до целта. Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата, да ги покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото.