Во соработка со Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, денес ќе одржи онлајн тркалезна маса на тема „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“, во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Настанот се одржува како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
На тркалезната маса ќе се обратат Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Северна Македонија, Анета Дучевска, декан на филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Андреј Александрович Липгарт, декан на филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносо. Модератор на настанот е проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, директор на Рускиот центар.
Во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески оваа тркалезна маса е замислена како уште еден начин да се осветли личноста и делото на Блаже Конески, овојпат низ призмата на македонско-руските јазични, литературни и културни врски на која ќе се дискутира на следниве теми и тоа на руски и на македонски (како работни јазици): Конески мостот што ги поврзува македонските и руските слависти и перспективите и предизвиците на славистиката во 21 век.
За руските мотиви и влијанието на руските поети во творештвото на Конески ќе зборуваат Ала Шешкен и Елена Верижникова од Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и Кристина Николовска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
За патувањата на Конески во Русија и за неговото значење и улога во развојот и афирмацијата на македонистичките студии во Москва ќе се осврнат Димитар Пандев и Максим Каранфиловски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, додека Весна Мојсова-Чепишевска од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе зборува за развивањето на културната соработка меѓу Северна Македонија и Русија, за улогата на Семинарот за македонски јазик, литература и култура и Рускиот центар како продолжувачи на плодната и успешна соработка меѓу овие две земји.