ВИДЕО – Тутунарите на истата мака и со откупот на вишокот

 

Нема крај за агонијата на македонските тутунари. Само по два дена од посетата на министерот Хоџа на прилепскиот Тутунски комбинат и од неговото ветување дека продолжениот рок за откуп на тутунот од ланската реколта ќе биде согласно веќе постоечките правила на Законот за тутун, без кратење на класите, на терен состојбата зборува сосема друго. Тутунопроизводителите се жалат дека тутунот им се откупава за две до три класи подолу, заради што принудени биле родот повторно да си го враќаат дома.

 

 

„Еве го, четворка е овој тутун. Нека дојде министерот или кој е некој одговорен и нека кажи- ако е „четворка“, јас без париќе му го дадам….За „двојка“ го спремав….Го вратив назад…ќе му го давам овој тутун за 60 денари…?!“, вели еден револтиран тутунар.

Во меѓувреме, не стивнуваат реакциите и на социјалните мрежи, каде тутунарите тврдат дека продолжениот откуп почнал исто како и редовниот, манипулативно, тензично, со големи одбитоци и проценка за две класи подолу. Тутунарите се особено гневни и на изјавата на министерот Хоџа дека тие самите биле виновни за годинашниот катастрофален откуп на тутунот, бидејќи протестирале.

„Да немаше протестите и запирање на откуп, немаше да има потреба за вакви дополнителни нарушувања на целиот процес и притоа сега треба да се размисли за вакви инцидентни чекори што нормално го нарушуваат цел процес“, рече завчера мнистерот Хоџа.

 На ова, резигнирано му возвратија тутунарите, според кои ако откупот бил реален, тие сигурно ќе немале никаква причина за да простестираат, а и за цело време на протестите, откупот течел непречено.

„Тутунот не остана заради тоа што ние штрајкувавме. Ние штрајкувавме и откупот течеше непречено. Ако на ова се вадат институциите дека заради штрајковите е тутунот останат, е лага. Неорганизацијата на самите институции доведе до сето ова. Ваков катастрофален откуп во Република Македонија, изминатите 30 години – немало“, – изјави Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија.

Тутунарите, освен на кинењето на класите, се жалат и на недостигот од амбалажа. Стравот дека значителни количини од ланскиот род ќе им остане дома и понатаму е присутен.

Инаку, во наредните десетина дена од продолжениот рок за откуп, кој ќе трае до 31 март, треба да бидат дооткупени уште околу 1,5 милиони килограми тутун, за кој државата тврди дека бил вишок, а додека тутунарите го тврдат спротивното. Тутунскиот комбинат од Прилеп треба да откупи 700 тони тутун од вишокот од ланската реколта. Во исто време во тек е и потпишувањето на новите договори, иако се уште не се прецизирани измените во Правилникот од Законот за тутун, а на кои тутунарите инсистираат уште од почетокот на откупната кампања.

Автор : Каролина Дурло

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи