Три лица што беа обвинети за насилство за време на протестот против пресудата за „Монструм“ на 26 февруари годинава добија затворски казни од по една година. Шабан Весели, Бехар Далити и Бесар Касили од скопскиот суд беа осудени уште на првото судско рочиште, откако тие го признаа кривичното дело.
Основното јавно обвинителство од Скопје гони седум обвинети за насилство, бидејќи за време на протестот на 26 февруари фрлале камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, при што со тешки телесни повреди се здобил новинар, а повредени биле 11 полициски службеници.
Покрај тројцата обвинети лица кои го признаа делото, на денешното рочиште пред судот за невини се изјаснија Артон Садики и Фабио Идризи. Судскиот процес за нив ќе продолжи на 31 март. Судот одлучи постапката да се одвои за Суља Башким, кој е недостапен за органите за прогон. Поради влошената здравствена состојба, судот ќе води посебна постапка и за Бесим Касами.