Шанси, вакцините од „Фајзер“ да пристигнат во нашата земја во текот на март, не постојат.
„Фајзер“ сè уште нема потпишано договор со Северна Македонија за вакцини против ковид 19. Последното барање на фармацевтската компанија е дека во случај на несакани ефекти, Македонија треба да преземе одговорност за обештетување на пациентите. Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека договорот со американската компанија е пред финализирање.
„На 30 декември имавме комуникација кога ни потврдија дека ги исполнуваме условите за да потпишеме договор и од тогаш траат тие разговори. Ние го потпишавме договорот и го вративме. Сега има некое дополнително барање од пред три дена за одговорноста при евентуални несакани ефекти, има некои специфични барања и чекаме повратна информација“, рече денеска Филипче.
Надежта останува во платформата „Ковакс“, преку која се очекува да пристигне првиот контингент на вакцини „Астра Зенека“. Во меѓувреме, Европската агенција за лекови, по лабораториски испитување, ја потврди дозволата за безбедност за употреба на вакцината „Астра Зенека“ за земјите на ЕУ. Ова се случи по многу публикации за несакани ефекти на вакцината во некои држави, по што во 13 европски земји кои привремено ги суспендираа вакцините Астра и Зенека, меѓу кои и Словенија, Холандија и Португалија продолжија со вакцинацијата. Директорот Ханс Клугер рече дека мора да се врати довербата во вакцината.