ВИДЕО – Тутунарите бараат итна аграрна реформи и јасна стратегија за преориентацијата на тутунарите

 

Додека тече продолжениот откуп на вишокот тутун од ланската реколта, а кој според сведочењата на тутнарите е покатастрофален од претходно, овие земјоделци, на стартот од новата производствена реколта, исправени се пред нови, и како што самите велат, уште позагрижувачки предизвици. Затоа, тие бараат итни аграрни реформи и јасна стратегија за преориентацијата кон производство на други земјоделски култури, бидејќи годинава им се наложувало да ги намалат досегашните количини на тутун кои ги произведувале.

 

 

„Владата треба да донесе паметна одлука, ако има намера нешто да реши во овој сектор, да изврши обуки и трансформација во нивна, да речам организација, а не на штета наша, и тоа да го субвенционира оној период што треба ние да го пребродиме во трансформацијата и да биде на товар на државата, а не ние да лутаме со незнаење и со згрешавање на некои култури, па повторно да трпиме штети“, објаснува Игор Мирчески, координаторо на новоформираните тутунски здруженија.

Освен ова, тутунарите, особено оние кои беа организатори на протестите, се жалат дека трпат притисоци, а стравуваат и дека кон нив ќе имало реваншизам, за што веќе имале и одредени неофицијални сознанија.

„Сите оние кои што правеле некој пркос кон ниските цени, кон откупувачите, кои што повикувале Второстепена комисија, се санкционирани со намалување или со несклучување на договорите…и веќе и нас ни е најавено дека нас договори нема да ни се склучуваат што значи еден притисок се врши за во иднина дека секој оној што ќе го крене гласот против државата дека треба да молчи…“, посочува Игор Мирчески.

На безмалку идентичен став е и долгогодишниот тутунопроизводител од битолско, Васко Јосифовски, кој вели дека „за да се намали тутунопроизводството требало да се реализираат аграрни реформи, а кај нас од аграрна реформа нема ниту „А“. Тој е особено гневен на изјавата на прилепскиот пратеник од власта, Миле Талевски, кој само пред два дена се пофали со мерките кои што оваа власт ги преземала за добробит на земјоделците, односно на тутунарите.

„Го поканив да дојде кај мене в село и ќе го однесам во неколку куќи каде што ќе ја види „грижата“ на него и на неговата власт за тутунопроизводителите и воопшто за сите земјоделци. Да се грижи за земјоделците, за тутунарите значи да се создадат услови за добра работа, да се создадат услови за заработивачка и услови за нормален живо“, вели Васко Јосифовски.

Од овие причини, од ИО на четирите новоформирани тутунски здруженија најавија јавен повик до Владата под итно да организирала јавна расправа со сите релевантни фактори и да се формирало неформално работно тело од стручни луѓе и научни работници  кои би кажале што ќе работат тутунарите, особено оние кои што ќе останат без договори.

 

Автор: Каролина Дурло

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи