Меѓународно чествување на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање

 

 

Меѓународно чествување на Блаже Конески, по повод 100-годишнината од неговото раѓање, а во знакот на Светскиот ден на поезијата што Република Македонија го одбележа во УНЕСКО, денеска се одржа во Париз. По тој повод официјално беа објавени  добитниците на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на „Мостови на Струга”, информираат од Министерството за култура.

„Блаже Конески е квинтесенција на поетскиот јазик во чие творештво се вградени мудроста и мислечките предизвици на постоењето”, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето видео-обраќање на настанот.

Потсетувајќи дека 100-годишнината од раѓањето на Конески е запишана во Календарот на значајни јубилеи подржани од УНЕСКО, министерката за култура, Ирена Стефоска, забележа дека ова чествување претставува и омаж на универзалните дострели на поезијата и на јазичната разноликост во светот.

„Не случајно песните на Конески, денеска во УНЕСКО, не ги слушнавме само на македонски, туку и на други јазици. Поетскиот збор не познава граници од кој и да е вид и не смее да познава”, вели Стефоска.

Во текот на омажот, песни од Конески на своите јазици прочитаа високите дипломатски претставници во УНЕСКО Ферит Хоџа (Албанија), Вероник Роже-Лакан (Франција), Леонора Клеинова (Република Чешка), Метка Ипавиц (Словенија), Данијела Чубрило (Србија), Гази Герери (Тунис) и Микаел Шулц (Шведска).

„Прифаќајќи ја нашата покана да учествуваат на овој настан, секој од нив прифати да го стави своето камче во повеќејазичниот мозаик на поезијата на Блаже Конески што му го подаруваме на светот по повод Светскиот ден на поезијата“, изјави амбасадорката на Северна Македонија во Париз и претставник во УНЕСКО, Јадранка Чаушевска-Димов.

Поезија од Конески на македонски читаше Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик во Парискиот институт ИНАЛКО, додека краткиот осврт „Блаже Конески – виртуоз на поетскиот јазик” на француски го прочита македонската поетеса Тања Кармзова Костиглиола.

Во текот на културниот настан, амбасадорката Чаушевска Димов официјално ги објави имињата на лауреатите на „Златниот венец на Струшките вечери на поезијата” и на наградата „Мостови на Струга”.

„Оваа година, Златниот венец ‘и припадна на Керол Ен Дафи, родена во Глазгов во 1955 година, една од најзначајните современи поетеси во Велика Британија, авторка на педесетина книги и досегашна добитничка на значајни книжевни награди и високи одликувања, меѓу кои и почесните титули Дама-заповедник на Редот на Британската Империја (2015) и Поет-лауреат на Обединетото Кралство (2009-2019)“, информираат од Министерството за култура.

Наградата за дебитантска поетска книга доделена во соработка со УНЕСКО, „Мостови на Струга”, му припадна на Владан Кречковиќ, роден во Белград во 1988 година. Наградената книга Париз,Тексас, насловена според култниот филм на Вим Вендерс, на еден мошне суптилен и непретециозен начин говори за љубовната разделба без патетика и нуди поинаква перспектива на оваа вечна тема.

„Настанот со кој Македонија го одбележа во УНЕСКО Светскиот ден на поезијата и 100-годишнината од раѓањето на Конески го збогати настапот на  Дуото СолиПсе, односно македонската флеитистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Ромен Петио, со интерпретација на  две дела од народниот македонски музички опус – Зајди зајди и Гајдарско оро –  во аранжман на Мирослав Тадиќ“, велат од Министерството за култура.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи