Апостол Симовски: Оној кој нема да ги прими попишувачите дома, не и сака добро на државата

 

 

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во интервју за „360 степени“ најавува казни за оние што нема да ги примат попишувачите, без оглед од која причина.

„Тоа е нешто што навистина не можам да го разберам. Тоа се луѓе коишто очигледно не ѝ сакаат добро на сопствената држава и на сопствените граѓани. Не знам, јас со години укажувам, а и во принцип секаде во светот пописот е статистичка операција и таа е во интерес на сите граѓани. Значи, пописот не се прави ниту за Владата ниту за некоја политичка партија, се прави пред сѐ за граѓаните во државата, за оние што носат, креираат и спроведуваат одредени развојни политики, да имаат доволно елементи тие да бидат квалитетни политики, да не се базираат на некакви си паушални оценки, на интуиција или нешто слично. Денес, која било активност, не можете да ја правите без информации. Во спротивно постои огромен ризик да промашите со таквата активност, вели Симовски.

На прашањето што ќе сметаат за бојкот преку кој не може да се помине, Симовски вели дека тоа е секое одбивање да се пушти попишувачот да го спроведе пописот, независно од која причина е тоа.

„Па, јас се надевам дека ќе има доволно разум во оваа држава, кај нашите граѓани по 20 години без попис  да сфатат дека ни е неопходна оваа акција и дека немањето пописни податоци од 2011 година не чини страшно многу, и како држава и како граѓани, а пред се како граѓани. Сум давал многу примери за што можат да се употребат податоците и да се искористат правилно, и ќе повторам дека веројатно огромен број на инвестиции во земјата не се влезени само заради тоа што немаме податоци од попис. Компарираме со нашите соседи и гледаме дека таму се инвестира многу повеќе отколку тука. Никој не сака без информација да влегува во авантура, особено ако таа значи трошење голема сума пари, порача тој забележувајќи дека целта не е да се казнуваат граѓани туку да се добијат податоци“, вели Симовски.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи