Од 99 владини мерки против последиците од корона, само 8 се за младите

 

 

Документот „Млади во криза 2.0“, односно ефектот на пандемијата врз младите е изработен од 12 граѓански организации, кои директно работат со млади за креирање на младински политики, вели Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум (МОФ). Документот се состои од препораки за намалување на кризата од ковид-19 врз младите.

„Најголема мерка која Владата ја презеде беше доделувањето на картичките „Купувам домашно“, но изостануваше поддршка при покривање во партиципацијата на запишување во универзитети, платени ИТ обуки и слични мерки, кои за жал не беа имплементирани. Како резултат на тоа невработеноста кај младите во време на кризата се зголеми за 4 отсто“, изјави Мален Блажевски од РЕАКТОР – истражување во акција.

Генералната препорака како дел од документот „Млади  во криза вол 2.0“ е формирање на координативно тело за младински прашања, кое во соработка со инситуциите ќе ги спроведува мерките за заштита на младите од ковид-19 кризата, а ќе делува во 4 области на препораки: Невработеност и економски ефекти, образование, психосоцијални и здравствени последици, младинска ангажираност и волонтирање.

Невработеност и економски ефекти

„Овие лица потребно е да се опфатат со мерката за вработување, тоа значи дека тие можат да бидат преквалификувани, а додека тоа се случи да им се обезбеди финансиска помош, а ова треба да го направи Агенцијата за вработување во соработка со министерката за труд и социјална политика“, вели Столевска.

Втората мерка која овде се препорачува е поврат на персонален доход на младите лица, а третата мерка е ваучери за домашна потрошувачка на младите лица кои немаат никаков доход, или оние кои доаѓаат од семејства со ниски приходи.

Образование

Главната препорака која се однесува на образованието е да се направи пресметка колкав број на ученици немаат пристап до онлајн содржината и потоа согласно овие бројки да им се обезбеди технологија да ја следат онлајн наставата.

„Да се направи мапирање и вклучување на деца кои не се во образовниот процес, иако основното и средното образование се задолжителни, сепак има млади кои не се вклучени во образовниот процес, со што е потребна детална анализа за да се види кои ученици воопшто не се дел од образованието и да се креиераат мерки за нивно ревклучување во истиот“, истакна Столевска.

Во врска со образованието во ковид услови се препорачува уште и еднаков пристап на сите ученици со попреченост, односно да им се обезбедат сите потребни алатки, посебно во националната платформа за далечина да се обезбедат потребните материјали и технологија за и тие да можат ефективно да следат настава.

Психолошка поддршка

Нема психилошка поддршка за учениците, а тоа е најважно, посебно кога учениците немаат пристап до педагозите и педагошките служби, па  потребно е да се направи онлајн канал преку кој учениците ќе можат да ги контактираат психолозите од своето училиште доколку имаат некаков проблем.

Покрај во училиштата, во овој документ за намалување на штетните ефекти на младите од ковид -19, се препорачува и формирање на сервис за писхолошка поддршка за млади на национално ниво, односно бесплатна линија која ќе им овозможи психолошка помош за време на пандемијата.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи