Во недела на 28 март во 02 часот ќе започне летно сметање на времето, со тоа што стрелките на часовниците ќе се поместат за 1 час понапред и ќе означуваат 03 часот. Владата на вчерашната седница донесе одлука да се утврди летното сметање на времето.
Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила и работниот ден станува поефикасен.
Летното сметање ќе заврши на 31 октомври во 3 часот, со поместување на стрелките еден час поназад.
Инаку, во 2019 година, Европскиот Парламент со големо мнозинство се изјасни за престанок на поместувањето на часот во 2021 година. Но, одлуката остана кај владите на државите членки на ЕУ, кои треба да одлучат дали трајно ќе го задржат летното или зимското сметање на времето. И во Македонија имаше дебати и сугестии, но се уште не е донесена некоја одлука, односно најверојатно се чека како ќе одлучат другите.
Преминувањето на времето од зимско кон летно и обратно првпат почнало во 1916 та година во државите на северот во Европа, а денес е практика во 70 земји од Светот.