Агенцијата за цивилно воздухопловство на Грција соопшти дека од 5 април ги укинува рестрикциите за летови меѓу Грција и Македонија, Албанија и Турција. Летовите од Македонија од 5 април ќе бидат дозволени кон сите грчки аеродроми, а не само кон атинскиот аеродром како што беше до сега.
Грчката авиокомпанија „Ејжиан ерлајнс“ кон средината на февруари годинава ги обнови летовите меѓу Скопје и Атина, при што на веб-страницата на оваа компанија можат да се набават авионски билети, и покрај тоа што постојат рестрикции во форма на забрана за влез во земјата на граѓани кои не се државјани на ЕУ и Шенген зоната, вклучувајќи ги и македонските државјани.
Сите патници од меѓународните летови кои влегуваат во Грција остануваат обврзани да презентираат тест на ковид-19 направен во последните 72 часа пред нивното пристигнување. Меѓународните патници ќе бидат проверувани по пристигнувањето врз основа на постапката дадена во образецот за лоцирач на патници. Во случај да има позитивен патник, тој ќе оди во карантин 14 дена.