Европскиот Парламент со 558 гласови за, 70 против и 59 воздржани го усвои извештајот за напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес. Извештајот ги поздравува напорите на Македонија во реформите за членство во ЕУ и ги охрабрува Скопје и Софија да изнајдат взаемно прифатливо решение.
Известувачот за Македонија, Илхан Ќучук го поздрави фактот што Северна Македонија продолжила со реформите и покрај пандемијата од ковид-19.
„Се надевам дека Македонија и Бугарија ќе продолжат со дијалогот за нерешените билатерални прашања за да постигнат одржлив резултат. Постигнување компромис за акциски план со конкретни мерки, чија имплементација би се проценувала редовно согласно Договорот за пријателство, би го рестартирало процесот и би му овозможило на Советот да ја свика првата меѓувладина конференција што е можно поскоро“, изјави Ќучук.
Амандманот на Социјалдемократите и Зелените преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.