ВИДЕО – Модуларната болница ќе се пушти во петок – граѓаните признаваат дека не се дисциплинирани

 

Додека бројот на новозаразени и починати прилепчани и понатаму дивее, а расположливите болнички капацитети речиси и да се исполнети, од прилепската Болница уверуваат дека Модуларната болница, во која ќе можат да се згрижат 35 пациенти, во функција ќе била ставена в петок. Според директорката на Болницата, Кети Смилеска, сите градежни и технички работи биле завршени, вклучително и доводот на кислород, како најважен сегмент за овој објект да биде во ефикасна функција на пациентите кои ќе бидат таму хоспитализирани.

 

 

Од друга страна, заради секојдневните драматични бројки на новоинфицирани, а особено на починати, прилепчани, иако по малку веќе и навикнати на оваа тековно – алармантна состојба, сепак не ја кријат својата вознемиреност, но и паника. Поголемиот дел од нив, вината за овој хаос, ја лоцираат во самите себе, односно во сопствената недисциплина.

„Јас ја прележав Короната и многу сум уплашена за тие што не ја прележале…Сите да си водат сметка за да не се доведат во позиција да бидат заразени, макар што не можеме да се дочуваме, не знаеме од која страна може да не’ нападне…“ – порачува една наша соговорничка.

„Не се чуваме, не се вардиме, не почитуваме ни мерки….Тоа клопчето кога ќе се замота, после тешко се одмотува, знаете како оди..од еден, на друг, на трет и дури да се сузбие тоа –време треба…Оваа работа не е за туку-така да се гледа површно, навистина е сериозно..Во гужви никако влегување, по потреба појди, земи нешто што ти треба и бегај…“ – вели друг повозрасен прилепчанец.

Во меѓувреме, се повеќе умира и чаршијата. Се помалубројните дуќанџии кои се уште не ставиле катинари на своите дуќани, се жалат дека во чаршијата нема луѓе, а прометот им бил безмалку никаков. А додека пак, според градоначалникот Илија Јованоски, со ваков драматичен подем на заразата, Прилеп најверојатно ќе бидел и првиот град кој ќе се стекнел со колективен имунитет.

Инаку, и денеска, Ковид-одделите во прилепската Болница се полни. Според директорката на Болницата, Кети Смилеска, во моментов, хоспитализирани се 116 пациенти, од нив 93 се на кислородна поддршка, а слободни се 14 кревети.  Во Дневната болница се лекуваат 118 пацинети. Денеска починале тројца пациенти, со што вкупниот број на починати, од почетокот на пандемијата до денес се искачи дури на над 330 лица, со што Прилеп и понатаму останува на неславното прво место од црната Ковид-скала.

 

Автор:  Каролина Дурло 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи