На само неколку дена пред стартот на изборите во Бугарија, не запираат провокациите од Бугарија кон Македонија.
Скандалозниот спот со елементи на иредентизам под наслов „Македонија е бугарска, а Бугарија е над се” на европратеникот Ангел Џамбазки и заменик претседател на ВМРО-БН на Красимир Каракачанов, ги натера македонските власти преку амбасадата во Бугарија да испратат протестна нота до официјална Софија.
Најавена е и реакција до ЕУ.
„Истовремено, ќе известиме и соодветно ќе реагираме и до институциите во Европската Унија. Во оваа прилика напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји сојузнички во НАТО и земја членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската Унија, на кои и двете земји силно се посветени“, велат од МНР.
Во спотот се прикажани кадри од Скопје и Охрид кои Џамбазки ги нарекува бугарски градови. Европратеникот со низа навреди насочени кон Македонскиот народ обвинува дека Македонците лажат за својот идентитет и вели колку повеќе ја мразите Софија, толку повеќе Охрид останува бугарски.