Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи седница, на којашто ќе се разгледува состојбата со коронавирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот.
Тековната недела е критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број на заразени и на починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18 000. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1.405 тестирања. Починаа 41 лице, а оздравени се 1.169 пациенти.
Во болниците ширум земјава хоспитализирани се 1537 ковид-пациенти и има околу 330 празни болнички кревети. На инфективните оддели во Скопје се лекуваат 869 лица сомнителни и потврдени за КОВИД-19.
Во ковид центрите во другите градови, пак, се лекуваат вкупно 704 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, најмногу во Куманово 143, Прилеп 112, Охрид 100 и во Битола 76.