Членовите на Спасителна служба „Златоврв“ попладнево спасија уште еден живот. Околу 15 часот добиле повик дека под врвот Козјак се наоѓа повредено лице со скршеница на десната ногата при спуштање од врвот. Веднаш се мобилизирал спасителниот тим и се упатил кон местото на настанот.
„Од наша страна му укажавме прва помош на повреденото лице, направивме комплетна имобилизација на ногата и со помош на носило успешно го транспортиравме до пристапен терен во село Плетвар каде го предадовме на Итната медицинска помош. Во акцијата учествуваа 9 припадници од Спасителната служба „Златоврв“. Спуштањето траеше 2 часа и 40 минути. Ова е уште еден доказ дека во вакви несреќни моменти при спасување на човечки животи најбрзо и најефикасно може да реагира само Професионална Спасителна Служба“, вели раководителот на ова служба Дарко Неданоски.
Ова е само уште еден доказ колку на Прилеп му е потребна ваква служба и колку Општината и државата треба да посветат внимание на нејзино финансирање и опремување.