На 2 април 2021 г. (петок) во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп ќе биде отворена изложба од Милко Нестороски, што е дел од програмата поддржана од Министерството за култура.
Милко Нестороски за изложбата
Која е улогата на уметноста во човечката цивилизација, од каде произлегува потребата од уметност и која е нејзината основна намена или зошто уметност? На почетокот од моето творештво како потенцијален уметник, сакам да се позанимавам со некои вакви прашања чии одговори ги сметам за клучни и како непишани правилa кои треба да се земат во предвид при создавање на секое едно уметничко дело. Овие одговори сметам дека секој потенцијален автор пред сè треба да ги побара во себе, размислувајќи за своите потреби, желби, чувства, размислувања и сл. и нивната поврзаност со неговиот творечки нагон. Да се запраша кои се најискрените лични причини поради кои тој сака да создава уметност и каква би била таа. Јас лично во потрагата по овие одговори одлучив да тргнам назад во моето детство, за во тогашниот мој светоглед ги пронајдам корените на сегашните мои творечки тенденции. Така стигнав до делa со кои истовремено како тема се опфатени прашањето за природата на уметноста и творечкиот нагон, но и карактеристиките на тоа што јас, таков каков што сум, имам да го понудам при моето изразување преку ликовната уметност.
За авторот
Милко Нестороски, роден 1994 година во Струга, каде ги завршува основното и средно гимназиско образование.
Дипломиран сликар со модул сценографија на ФЛУ – Скопје во класа на проф. М-р Благоја Маневски. За време на и после студиите учествува на повеќе групни изложби, конкурси, работилници, проекти и перформанси во Струга и Скопје, организатор на првата Треш-арт колонија во државата во склоп на ДРИМ-ОН фестивалот која резултира со јавен перформанс.
Има одржано 4 самостојни изложби во Струга, Скопје, Кичево и Прилеп и една во склоп на СВП, интервјуа за Портрет Магазин, Divian Arts, MИА новинарска агенција и Национално Радио Скопје. Моментално работи во своето ателје во Струга каде држи и часови по ликовна уметност. Во последната година соработува со странска уметница Лида Шерафатманд со која е закажана заедничка изложба во CAM Музеј на современа уметност во Наполи и се коавтори на манифест во склоп на изложбата.