Во канцеларијата на Народниот правобранител почна да функционира бесплатната телефонска СОС линија за деца 0800 88 500 на која децата ќе можат да пријават секаков проблем, прекршување на некое нивно право, но и да споделат свои размислувања и прашања кои ги засегаат и нив, а за кои воопшто не се прашани.
„Бесплатната телефонска линија за деца кај Народниот правобранител ќе биде дополнителна поддршка за сите деца. Ги охрабрувам и повикувам да ја користат секогаш кога ќе сакаат да разговараат, и тогаш кога бараат одговори за прашања и проблеми во врска со теми кои ги интересираат, па и во случаи да споделат нешто што ги мачи, што ги прави да се чувствуваат тажно, вознемирено, или пак, ги попречува во остварување на нивните права, кажа денеска заменичката на Народниот правобранител г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа на промоција на телефонската линија.
Од досегашното работење, рече таа, несомнена е констатацијата за кои пак, при нашите посети во училиште и други јавни установи меѓу другото, укажуваат на потреба од постоење на посебна бесплатна телефонска линија кај Народниот правобранител.
Бесплатната телефонска линија за деца е реализирана во соработка со Македонски телеком кој го спонзорирал бројот, и со невладината организација „Мој живот“, која лани на Меѓународниот ден на детето во форма на петиција бараше да се создаде еден ваков проект.
„Сите ние се раководевме од една единствена цел, а тоа е да бидеме што поблиску до децата и младите, да ги слушаме да ги советуваме и правилно да ги насочиме во време кога сме им потребни повеќе од кога било, поради новонаметнатите услови за живот, учење па и користење на слободното време, и секако негативното влијание и последиците од пандемијата Ковид-19“, додаде Бајрамовска-Мустафа.