Повеќе од 40 мини винарници како мали семејни бизниси се регистрирани за неполна година. Освен во Тиквешко, како познат вински регион, мали винарии се регистрирани и во Прилеп, Битола, Скопје, Куманово.
Како што вели за МИА претседателот на Здружението „Тиквешки семејни винарии”, Горан Јаковлевски, во услови на Ковид-19 пандемија, кога раздвиженоста на странски туристи е речиси минимална, се зголемува интересот за домашниот вински туризам и за посета на винариите.
„Се охрабривме да се регистрираме откако имаше законски олеснувања и создавање можности за излез на пазарот со сопствени производи од грозје во домашни услови. Но, освен нас, производителите на вино, ракија и жестоки пијалоци, во мини винарии, чии производи слободно можат да се најдат на сечија трпеза, во промет во продавници и угостителски објекти, се регистрираа и оние кои индивидуално се занимаваат со традиционално производство на маџун и ракија и можат да продаваат од куќен праг“, вели Јаковлевски.
Јаковлевски објаснува како обично се одвива една посета и дегустација.
„Доаѓаат домашни гости, се организираат дегустации. При еднодневна посета се дегустира во најмалку 3 различни винарии, но може и во 5. Се пробуваат најмалку 6 различни вина, а на мени се и домашни ракија и вињак. Гостите се засладуваат и со маџун и рвенија, традиционално благо со маџун. За да не се дегустира на „голо”, имаме понуда од храна која оди со нашите вина и ракии. За домашните вински туристи главно сирења и кашкавали, домашен пинџур и слатко. За странците е интересно да пробаат македонски специјалитети како сукан баник, тие обично сакаат да учествуваат во подготовката на таквите ексклузивитети од поднебјето“, открива Јаковлевски.