Почна протестот против пресудите за случајот „Монструм“, а организаторот Бедриа Ајдари, член на семејствата на осудените им се обрати на насобраните граѓани и повика на мирни протести. Засега протесната поворка мирно се движи кон својата крајна дестинација, Владата, каде треба да се обратат организаторите на протестот. Претходно кај Јаја Паша им се приклучи уште една група демонстранти кои развеаја џиновско албанско знаме.
Овој пат на протестот нема немири и судир со полицијата, а беа истакнати фотографии од обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска, судијката Добрила Кацарска и јавниот обвинител Љубомир Јовевски.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани. Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и Борче Стефановски.