Среде вистинска пандемска експлозија, кога во градот под Марковите Кули секојдневно умираат минимум по двајца негови жители и кога дефицитот на обучен медицински персонал во прилепската Болница е повеќе од драматичен, невработени медицински сестри сведочат дека основниот критериум за вработување во Болницата, била партиската книшка.
Наша сограѓанка, по струка виша медицинска сестра, инаку сопруга и мајка на две малолетни деца, а која од разбирливи причини сакаше да остане анонимна, тврди дека никако не можела да дојде до работно место, иако многупати досега била високо на ранг-листите каде што аплицирала за вработување. Вели, летоска била ангажирана во еден од Ковид-одделите, но само на месец и половина, и без никаков договор. Нејзините обиди да си обезбеди работно место, но и знаејќи колкава е потребата од медицински кадар во моментов, останале безуспешни. Од надлежните добила само пофалби за стручноста, но не и Решение за вработување.
„Јас искрено се обидов на повеќе начини, преку пријатели, преку врски, како што прават сите – да бидам повикана. Меѓутоа, не успеав во тоа, од кои причини – не знам. Ми беше дадено до знење дека сето оди преку партија. Дека од партијата им се јавуваат и ги праќаат медицинските сестри“, вели нашата соговорничка.
Сега, оваа млада жена, за да не трпи за леб нејзиното семејство, вели, работи што ќе и падне до рака, а вчершниот апел од градоначалникот Илија Јовански да се пријавуваат медицински лица за помош во Болницата, го класифицира само како декларативен.
„Не знам дали воопшто повторно треба да се јавам и да прашам, затоа што добив одговор – жалам, сето оди преку партија. Обиди се да те стават на листата од партијата, на списокот од партијата…На претходното интервју кое траеше едвај дваесет секунди, директорот отворено ни кажа – право на директорот е да ги одбере кандидатите кои ќе бидат примени“, разочарано раскажува оваа невработена виша медицинска сестра.
Став за овие сведочења, побаравме и од актуелната директорка на Болницата, Кети Смилеска. Таа веднаш ги демантираше овие наводи, нарекувајќи ги шпекулации и притоа објаснувајќи дека до скоро биле ангажирани постоечките кадри, а од пред неколку дена имало неколку ново-ангажирани кои што и во претходниот пик доаѓале како волонтери, и засега тие биле доволни.
Автор : Каролина Дурло