Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го организираше третиот протест пред Министерството за здравство, за како што велат, да го искажат разочарувањето и незадоволството од справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19. Протестот го организираше Градскиот комитет на партијата под мотото „Здравје, а не провизија“, а на крајот од настанот, присутните фрлаа балони со вода кон зградата на министерството, за како што рекоа, да го „исперат срамот“ на премиерот Зоран Заев, министерот Венко Филипче и целата Влада. Опозицијата повторно побара оставка од Филипче и го нарече „министер за здравство и провизија“.
„За овие бесрамници ве повикувам да им го измиеме срамот кој не сакаат сами да си го измијат. И како што го поздравивме српскиот министер за здравство, да го поздравиме и нашиот министер за здравство и провизија. Убијци се оние луѓе коишто, кога во државата починуваат 50 луѓе одат како Севернокорејци со хеликоптер да се шетаат низ државата“, изјави Владимир Нелоски претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе протестираат и наредната сабота.
„Наместо кон зградата на Министерството за здравство, балоните со вода треба да ги фрлаат кон барокниот бел дворец, таму е срамот што со години не може да се измие. На ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не им е грижа ниту за јавното здравје, ниту за здравствениот систем, туку само политичко профитерство“, реагираа од СДСМ на денешниот протест на опозицијата.