По втор пат во Прилеп ќе се одржи планинската трка „ Козјак Вертикал Километар“

 

По втор пат во Прилеп на 11 април ќе се одржи планинската трка „ Козјак Вертикал Километар“ долга 3,7 километри. Организатор е Здружението за атлетски и планински спортови „Единак” од Прилеп.

Стартот е лоциран во подножјето на југо-источната падина на Козјак (во близина на рудничкиот коп „Топлица“), до каде се стигнува со издвојување од регионалниот пат Прилеп-Велес (во десно кога се доаѓа од Велес, во лево кога се оди од Прилеп). Стартната позиција е лоцирана на рамнинскиот дел под стрмната козјачка падина. Од старт, рутата цело време ја следи една од најистакнатите, најстрмни и најинтензивни качувачки гребенски линии на движење со кои се одликува овој дел од планината Бабуна (останатите далеку пострмни гребени веќе се одликуваат со класични алпинистички карактеристики). Стартната, најниска точка од овој „вертикален километар“ е на 740 метри надморска висина.

Кога ќе се синтетизираат строгата соголеност, бескомпромисната врвична доминантност, вертикалното интензивно извишување и агресивната неприкосновеност на каменестата структура на прилепскиот планиниски горделивец Козјак – со едно име тоа се нарекува „Козјак Вертикал Километар“. Секој кој сака да искуси интензивни 1.050 метри позитивна, искачувачка денивелација во само 3,7 километри должинско растојание, ќе ја има таа уникатна можност на оваа вертикална брканица. Теренот се одликува со груба, агресивна каменеста структура измешана со тревнати делови, кои подразбираат прилично внимателно движење, не само при вакви интензивни тркачки активности, туку и при планинарско искачување на оваа интензивна дијагонала која во стрмно извишување оди сè до врвот Козјак, со највисока точка на „вертикалниот километар“ од 1.747 метри надморска висина“, велат од ЗАПС Единак.

 

 

Финишот на трката ќе биде на самиот врв, каде секој учесник ќе биде пречекан од временски контролор кој ќе го евидентира времето на финиширање според кое ќе биде валоризирано и рангирано учеството на тркачите.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи