Претседателот Стево Пендаровски денеска потврди дека пред неколку дена се пријавил на веб-страната за вакцинација, додавајќи дека ќе се вакцинира согласно државниот план објавен од Министерството за здравство.
„Се разбира дека ќе се вакцинирам со вакцината што ќе биде достапна во тој момент. Ова го велам затоа што постојат контроверзии за различни видови на вакцини и можам да ве уверам дека се што е одобрено во нашата држава од надлежен авторитет и власт е проверено. Сите вакцини што се увезени и се аплицираат врз нашите граѓани се 100 проценти проверени, исто како да се вакцинирате во која било европска држава“, изјави претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски рече дека е добро што почна масовната имунизација и дека најверојаатно утре ќе посети некој од пунктовите каде што се спроведува вакцинацијата.
„Јас верувам дека овој месец ќе биде месец на масовна имунизација“, рече тој.