Приклучувањето на домаќинствата на дистрибутивната мрежа на природен гас се очекува да чини под 100 евра, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Од јавниот-приватен партнер кој ќе ја развива дистрибутивната мрежа ќе биде побарано да обезбеди соодветни и евтини кредити кои ќе овозможат на домаќинствата да ја заменат инсталацијата на рати на повеќе години.
„Радува и фактот што нови домаќинства се приклучени на дистрибутивните мрежи за природен гас, особено во Струмица и помал број во Куманово. Во следниот период следува избор на јавен-приватен партнер за развивање на дистрибутивната мрежа во целата држава. Ја посетивме Регулаторната комисија за енергетика на Турција со цел да се споделат нивните искуства. И оттаму две компании пројавија интерес. Тендерскиот услов ќе биде најниската понудена цена за приклучок на природен гас, односно не повеќе од 100 евра по приклучок. Очекуваме од новиот јавен-приватен партнер да обезбеди и соодветни евтини кредити кои ќе им овозможат на домаќинствата да ја заменат својата инсталација на рати на повеќе години, како што е пракса во телекомуникациските компании, рече Бислимовски.